Уставната судијка Елизабета Дуковска како судија-известител за измените на Кривичниот законик (КЗ), а кој предмет седи кај неа уште од септември 2023, смета дека Уставниот суд не е надлежен да решава за уставноста на овие измени со кои се амнестираа корумпирани функционери, обвинети од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таму доминираат обвинети бивши и сегашни функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Судијката Дуковска не го сработила предметот во времето на претседателката Добрила Кацарска, па ни веднаш кога беше избран сегашниот претседател Дарко Костадиновски, туку по смената на власта во 2024.
Иницијативата за уставноста на овие измени донесени во времето на СДСМ, со помош на ВМРО-ДПМНЕ чии пратеници на 6 септември 2023 влегоа да направат кворум во салата, е на Павле Трајанов.
Судијката Ана Павловска-Данева смета дека се работи за исклучиво контроверзен и лош закон за владеењето на правото и од секаков аспект, неуставен. Има и втора иницијатива, за оспорување на законот во целина и таа е поважна.
„Треба да се поведе постапка. Различните термини за стапување во сила се недозволиви. Во тие измени, на истиот КЗ, казните за екологијата стапуваат со одложено дејство, за 6 месеци, а тие за ослободување на обвинетите функционери, веднаш. Тоа ги става граѓаните во нееднаква положба. Натаму, постапката била неуставна. Европското знаменце било залепено за една одредба, за загадувањето, а било искористено од Собранието и за спасувањето на обвинетите функционери за корупција”, кажа судијката Павловска-Данева.
На 6 септември 2023, преку ноќ и по брза постапка (со европско знаменце), власта на СДСМ и ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка правејќи кворум на седницата, предложи и донесе измени на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените е избришан и веќе не постои. Измените стапија на сила на 15 септември 2023.
Измените на Кривичниот законик се донесоа со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ. Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.
Министерството за правда, Владата и Собранието, со тоа извршија упад во правниот систем и самите донесоа измени на КЗ за уништување на предметите на СЈО и на ОЈО за организиран криминал, во кои се гонат поранешни функционери.
Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”.
Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекина и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето. Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”. Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе. Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.
Во насока на тоа да се поведе постапка за уставноста на овие измени за спасување на криминалци, е и дискусијата на уставниот судија Осман Кадриу. Тој искажа дури и зачуденост дека со овие измени била всушност изршена декриминализација со закон.
„Со овие измени владеењето на правото е доведено до степен на распаѓање. Придонесе до правна анархија и правна хаварија. Тие се мотивирачки овие амнестирани да вршат криминал, корупција”, зборуваше емотивно Кадриу за штетата која е направена.
На крајот праша: “А што е со оштетените граѓани од овие амнестирани корумпирани лица? Оставени се на улица. Мора штетата да им се надомести на овие граѓани, фирми. Оштетена е и државата”, кажа судијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА