Невладините организации кои на терен даваат услуги на групи под најголем ризик од инфекција со ХИВ утре во 11 часот ќе протестираат пред Собранието, бидејќи со Буџетот за 2017 година намалени се средствата за превенција и лекување на ХИВ.
Протестот го организираат 15 невладини организации од 13 града во земјава, бидејќи како што велат место договорените 65 милиони денари за наредната година, со предлог буџетот за 2017 година предвидени се 27 милиони денари.
„Во 2017 година, по 13 годишно финансирање се повлекува Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија. Владата на Република Македонија со меѓународни договори е обврзана да ги преземе сите обврски во однос на превенцијата на ХИВ. Но, наместо договореното зголемување, буџетот за 2017 година се намали како никогаш досега! Од потребните 65 милиони денари, планирани се само 27. Односно, 59% помалку од неопходното“, стои на фејсбук профилот на невладината организација „Заедно посилни“, каде е најавен и утресниот протест.
Од оваа невладина организација објаснуваат дека со протестот ќе бараат од пратениците да го корегираат буџетот, за што веќе доставиле писмо и до Собранието и до Владата. Според невладините организации со намалените средства за 2017 година 15.000 припадници на групи под најголем ризик од ХИВ и нивните семејства ќе останат без бесплатните средства за превенција и брзи тестови за рано откривање на инфекцијата.
Според информациите со кои располага невладиниот сектор до годинава до јуни на Клиниката за инфективни болести антиретровирусна терапија примале 153 пациенти со ХИВ инфекција, а лани вкупно има регистрирано 166 пациенти со ХИВ. Годинава пак има над 30 новодијагностицирани.