В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ВРХОВЕН СУД БАЈЛОЗОВА ЈА ЗАТВОРИ ЗА ЈАВНОСТ СЕДНИЦАТА ЗА ПРИГОВОРИТЕ НА РАЗМЕСТЕНИТЕ СУДИИ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ВРХОВЕН СУД БАЈЛОЗОВА ЈА ЗАТВОРИ ЗА ЈАВНОСТ СЕДНИЦАТА ЗА ПРИГОВОРИТЕ НА РАЗМЕСТЕНИТЕ СУДИИ

     

    В.д. претседателката на Врховниот суд Снежана Бајлозова не дозволи јавност на Општата седница на Врховниот суд, на која ќе се разгледуваат приговорите од повеќе судии, кои се побунија против рекомпонирањето на составот на Основниот суд Скопје 1 и на Врховниот суд. На оваа седница треба да се разгледува и да се гласа приговор и против неа, односно против тоа дека иако е избрана на оглас за граѓански судија во Врховниот суд, таа со годишниот распоред на судии што го изработила се поставила за главна на Кривичниот оддел на Врховниот суд. Според Законот за судови, во овој оддел треба да има судии од кривичното право, или судии- кривичари.

    Бајлозова смета дека Општата седница нема правно значење за да биде отворена за јавност.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати писмено до в.д. претседателката Бајлозова со барање седницата да биде отворена за јавност поради важноста, заинтересираноста на  читателите и поради јавниот интерес во врска со прераспоредувањето на судиите во двата најважни суда во државата, а кое ни е гарантирано во членот 55 од Деловникот на Врховниот суд.

    Во писмениот одговор, Бајлозова вели:

    „Одлучувањето по приговори на судии по Годишните распореди за работа за 2017 година не спаѓа во категоријата на прашања од пошироко правно значење, и соогласно деловникот не се дозволува присуство на претставници на јавните гласила. Оценувањето за тоа дали при разгледувањето на вакво правно прашање е дозволено присуство на претставници на јавните гласила е во надлежност на претседателот на Врховниот суд на РМ“.

    На денешната Општа седница на која ќе присуствуваат сите врховни судии, ќе се гласа по поднесени приговори од тргнатите судии од кривичниот оддел на Основниот суд Скопје 1 и од одделот за претходна постапка. Се работи за разместени и прераспоредени 20 судии, кои не се од доверба на експретседателот Владимир Панчевски и на в.д. претседателката Татјана Михајлова, а кои би можеле да имаат каков било допир со предметите што доаѓаат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

    Панчевски е ставен за судија во организиран криминал, Михајлова за претседател на овој оддел, а Панчевски е и претседател на кривичниот совет кој ќе решава по жалба за мерките притвор што ги предлага СЈО. Од неподобни судии комплетно е исчистен и теренот во одделот за организиран криминал, каде во немање на специјално судско одделение, предметите што ги работи СЈО, ќе дојдат во натамошна судска постапка.

    На седницата на која Бајлозова не дозволува јавност, ќе се разгледуваат и четирите поднесени приговори против нејзиниот Годишен распоред, и тоа од врховните судии: Мирјана Радевска, Марика Матевска, Лидија Неделкова и Киро Здравев. Бајлозова, во одговорот на приговорите против нејзиниот Годишен распоред кој стапи во сила на први март, предлага сите да се одбијат.

    Бајлозова со новиот Годишен распоред за стручен соработник на судијата Киро Здравев го ставила неговиот син Ристо Здравев, па во највисокиот суд веќе има шеги на нивна сметка дека за предметите што ги работат „ќе си муабетат татко и син по дома“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира