Скопското јавно обвинителство ја заврши истрагата и поднесе обвинение против 20-годишниот Васил Јованов, кој на 29 јануари 2025 поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола, пијан, со двојнопоголема брзина од дозволената на Партизанска во Скопје, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.
Тој се товари за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, што значи може да биде осуден и до 20 години затвор.
Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот.
„Согласно доказите, на 29 јануари 15 минути пред полноќ, обвинетиот без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило ‘пежо 207’ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили во крвта, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот ‘Партизански одреди’ и улицата ‘29-ти Ноември’, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и на зелено светло за пешаци“, го опиша денеска Обвинителството ова дело во обвинението.
Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои почина на лице место.
„Во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот на опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека се уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од Судот побара притворската мерка да биде продолжена“, наведе Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА