ВЕ МОЛАМ, СНИМЕТЕ ЗАЕДНО УШТЕ ЕДЕН АЛБУМ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ И ИМ ДОДЕЛИ ОРДЕН ЗА ЗАСЛУГИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА „ЛЕБ И СОЛ“

    ВЕ МОЛАМ, СНИМЕТЕ ЗАЕДНО УШТЕ ЕДЕН АЛБУМ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ И ИМ ДОДЕЛИ ОРДЕН ЗА ЗАСЛУГИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА „ЛЕБ И СОЛ“Арсовски, Димушевски, Стефановски и Тавитјан беа одликувани за нивниот огромен придонес кон македонските музика, култура и идентитет (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски успеа да ја обедини класичната постава на „Леб и сол“, но не за концерт, туку за да ѝ додели Орден за заслуги за Република Северна Македонија. На вечерашната свечена церемонија во Кабинетот на претседателот, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан беа одликувани за нивниот огромен придонес кон македонските музика, култура и идентитет, а Пендаровски ги замоли да снимат уште еден албум во оваа постава.

    Направивте доволно за десет вакви одликувања, но потребен ни е нов албум од вас во овој формат. Размислете“, кажа Пендаровски.

    Гостите на церемонијата беа пречекани со леб и сол (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тој ја опиша групата како култ со наднационално значење, чие музичко наследство е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на Македонија.

    Вие ја поставивте Македонија високо на глобалната карта на културата, вие сте културно наследство со кое се идентификуваа и растеа многу генерации. Во последно време залудно трошиме време на дебати за нашиот национален идентитет, кога, меѓу другото, е доволно да го цитираме музичкото творештво на ‘Леб и сол‘“, кажа Пендаровски.

    Влатко Стефановски, еден од основачите на групата во 1976 година, нагласи дека „Леб и сол“ не се само овие четворица музичари.

    Пендаровски успеа да ја обедини четворката која веќе некое време не свири заедно (Фото: Ѓ. Личовски)

    Голема чест е да се добие ова признание. Кога почнував да се занимавам со музика, не можев ни да сонувам дека ќе стигнам до ваков момент. Ние бевме екипа која инспирираше и мотивираше многу млади луѓе од нашата генерација. Мора да спомнам и други имиња кои поминаа низ групата, како покојниот тапанар Драгољуб Ѓуричиќ, мојот покоен брат Горан, Гоце Мицанов, Кирил Џајковски, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, Мики Јовановски-Џафер. ‘Леб и сол‘ се и многубројните техничари кои ни помагаа, менаџерите Самоил Дуковски, Велибор Џаровски и Иво Јанковски, имавме и екипа моторџии која одеше со нас на две турнеи. Бевме голема и горда екипа, која патуваше, свиреше и секаде оставаше трага“, изјави Стефановски.

    Басистот Бодан Арсовски продолжува да ја одржува традицијата на групата и откако од неа си заминаа Стефановски и Тавитјан.

    Оваа награда ја добивам по чист, најприроден пат. И натаму настапувам со ‘Леб и сол‘, иако со друга формација, но забавно ми е“, кажа Арсовски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира