ВИДЕО ПЛАТФОРМАТА „РАМБЛ“ НА КРИС ПАВЛОВСКИ ОТВОРИ ПРЕТСТАВНИШТВО ВО МАКЕДОНИЈА

    ВИДЕО ПЛАТФОРМАТА „РАМБЛ“ НА КРИС ПАВЛОВСКИ ОТВОРИ ПРЕТСТАВНИШТВО ВО МАКЕДОНИЈАПремиерот Христијан Мицкоски се сретна со Крис Павловски (лево) пред инаугурацијата на Доналд Трамп во Вашингтон на 19 јануари (Фото: Фејсбук)

    Компанијата на канадско-американскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски „Рамбл Клауд“ отвори претставништво во Македонија, објави БИРН.

    Станува збор за компанија која што има своја видео платформа со истото име, а хостира и други платформи, меѓу нив и социјалната мрежа на американскиот претседател Доналд Трамп „Трут Соушл“. Платформата „Рамбл“, која е алтернатива на „Јутјуб“, е популарна во САД меѓу конзервативците и десничарите.

    Претставништвото во Македонија е регистрирано на адреса во центарот на Скопје, а нејзини управители се Павловски и финансискиот директор на „Рамбл“ Брендон Александроф.

    Павловски е близок со неколку важни луѓе од администрацијата на Трамп, како Девин Нунез, кој беше назначен за претседавач на Советодавниот одбор за разузнавање на претседателот, како и секретарот за трговија Хауард Лутник.

    Тројцата дојдоа во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски набрзо по изгласувањето на новата влада летоска.

    По средбата, министерот за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека разговарале за партнерство со „Рамбл“ во врска со „изградба на современи национални центри за податоци“.

    Мицкоски потоа се сретна со Павловски и во Вашингтон пред инаугурацијата на Трамп во јануари.

    Како што објави БИРН, Павловски од претходно е присутен во македонскиот бизнис преку друга своја фирма, „Космик Девелопмент“. ИТ компанијата почнa да работи во 2013 година прво во Битола, а сега има канцеларии и во Скопје.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира