Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека Охридското Езеро е гордост кое е во опасност и апелираше до властите да не дозволат да се претвори во срам, а до граѓаните да не фрлаат отпад и да се грижат за животната средина. Тој овие апели ги даде на отворањето на информативниот центар во Куклица, Кратовско.
„Прв збор што ми паѓа на памет овде е зборот горд. Треба да сте горди на Евровизија, на првото место во ракомет во европската Лига на шампиони, на извештајот од Европската унија, на екоактивистите што ја чистат земјата, горди на бисерите на природата како што е овој во Куклица“, рече Жбогар.
Според него, да бидеш горд значи да бидеш и одговорен кон природата, природните убавини што треба да ги предадеме на идните генерации.
„Охрид, Охридското Езеро е бисер кој навистина е во опасност. Апелирам гордоста да не се претвори во срам. Втората порака е до граѓаните. Овде за проектот во Куклица сме партнери со УНДП и со Oпштината, со невладината организација Извор помогнавме да се реконструира и заштити овој споменик на културата и да донесеме повеќе туристи. Туристите не доаѓаат овде за да гледаат расфрлани шишиња по тревата и затоа мојот апел до граѓаните е да бидете горди и да ја зачувате чиста околината. Слоганот на нашата кампања е ‘чисто како дома исто’ и ајде да се обидеме да ја сочуваме природата“, рече Жбогар.
Споменикот на природата Куклица, е познат по единствените камени формации, наречени кукли, кои се резултат на милиони години ерозија, и се атракција во Кратовскиот Регион и во земјата. Со децении недостасуваат вложувања во зачувување и обезбедување на Куклица, кои се потребни за соодветно управување со ова заштитено подрачје.
Инфо центарот во Куклица е отворен преку програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна над четири милиони евра, а за заштита и промоција на Куклица беа обезбедени 65 илјади евра. Програмата е финансирана од Европската унија, а ја реализира Агенцијата за развој и соработка на ОН (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од УНДП велат дека новиот инфо центар е дизајниран и изграден според стандардите на ЕУ, во склад со главните карактеристики на Куклица и ќе придонесе за развој и промоција на туризмот и можности за вработувања.
„Дрвената градба вклучува и галерија со информации за споменикот на природата, пункт за продажба на сувенири и промотивни материјали, како и училница за одржување научни и други јавни настани“, велат од УНДП.
Покрај Инфо центарот, со проектот се направени нови патеки и набљудувачки пунктови во Куклица. Со нив ќе се обезбеди подобар пристап на посетителите, а во исто време подобра заштита на споменикот на природата и околината. За минимизирање на опасностите од штети од поројни дождови, исчистени се и реконструирани одводните канали.
Постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакјан рече дека заштитата на биодиверзитетот и подобрувањето на управувањето со заштитените подрачја бара заложби, иновативни пристапи и трансформација.
Од УНДП очекуваат на реконструираната локација да има околу 30 илјади туристи годишно, вклучувајќи и образовни посети на ученици, студенти, научни и туристички тури, како и еколошки организации.
Е. БОЧВАРОСКА