ВЛАДАТА ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ, ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ НАПРАВАТ НОВ СО ПРИФАТЕНИ ЗАБЕЛЕШКИ НА ЈАВНОСТА

    ВЛАДАТА ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ, ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ НАПРАВАТ НОВ СО ПРИФАТЕНИ ЗАБЕЛЕШКИ НА ЈАВНОСТАОд Владата велат дека Министерството за транспорт и врски сега ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки. - Министерот Благој Бочварски (Фото: СДК.МК)

    Владата утринава донесе одлука да го повлече Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој се наоѓаше во собраниска процедура, откако претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише Указот за негово прогласување. Спорниот закон за дивоградби беше изгласан во Собранието по скратена постапка на 11 мај, и требаше да се врати на дневен ред до 11 јуни по непотпишувањето од страна на претседателот, кој ќе имаше обврска да го потпише ако беше изгласан по вторпат.

    „Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 74-та седница одржана преку видеоконференциска интернет врска, врз основа на известувањето за спроведените активности поднесено од Министерството за транспорт и врски донесе Одлука за повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој се наоѓа во собраниска процедура“, велат денеска од Владата.

    Оттаму додаваат дека одлуката е донесена откако на работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и на јавни дебати, биле дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување.

    Од Владата велат дека Министерството за транспорт и врски сега ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки.

    Законот за дивоградби помина во Собранието со поддршка од мнозинството и од опозицијата. Дозволено ќе беше легализирање дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.

    Исклучени од законот беа само дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира