ВЛАДАТА ЌЕ МУ ГИ ОДЗЕМЕ ПРОСТОРИИТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ШТО ГО ДОНИРАШЕ ЌОСЕТО

    ВЛАДАТА ЌЕ МУ ГИ ОДЗЕМЕ ПРОСТОРИИТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ШТО ГО ДОНИРАШЕ ЌОСЕТОЗдружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија на Град Скопје му го донираше споменикот на Андон Јанев Ќосето кој стои пред судска палата и за кого од Министерството за култура најавија дека ќе биде отстранет(Фото:СДК.МК)

    Владата ќе им го одземе правото на трајно користење на канцеларијата на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин и објектот ќе им го даде на трајно користење на Републичкото здружение на децата бегалци и нивни потомци од Егејскиот дел на Македонија „Т‘га за југ“.

    Од кабинетот на министерот  за дијаспора Едмонд Адеми изјавија дека се работи за канцеларија од 58 метри квадратни во  деловниот центар „Скопјанка“, во скопската населба Аеродром која од 2015 година е празна, иако претходната влада донела одлука да ја го даде на користење на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради, но тие не се вселиле во просториите.

    Иако Владата на Груевски донела одлука, од некои причини тие не го користеле објектот, па затоа ќе им го прекинеме правото на трајно користење, и објектот ќе им го вратиме на првобитните корисници – Едмонд Адеми, министер за дијаспора

    До 2011 година просторот го користело Републичко здружение на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија „Т’га за југ, но, како што изјавија тогаш биле избркани од политички причини.

    „Од 2011 до 2015 година просторот е празен, никој не го користел. Во 2015 година претходната влада носи одлука да им го даде просторот на трајно користење на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради. Но иако владата донела одлука, од некои причини тие не го користеле објектот. Затоа Владата ќе им го прекине правото на трајно користење, и објектот ќе им го врати на првобитните корисници“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Едмонд Адеми, министер за дијаспора.

    Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија на Град Скопје му го донираше споменикот на Андон Јанев Ќосето кој стои пред судска палата и за кого од Министерството за култура најавија дека ќе биде отстранет. Донација на Здружението се и споменикот на македонските бегалци од Граѓанската војна во Грција, поставен на Кејот во близина на хотелот „Холидеј ин“, спомен обележјата на Пере Тошев и Никола Русински кои се наоѓаат пред Универзитетска библиотека, на генерал Михајло Апостолски кај клучката „Континентал“ и споменикот на Ѓорѓи Сугарев во Универзитетскиот комплекс.

    Никогаш не беше откриено од каде ова здружение на граѓани имаше толку пари за да донира споменици. Се шпекулираше дека еден од членовите на здружението е таткото на поранешниот премиер Никола Груевски, Тало. И таа информација до сега никој не ја потврдил, ниту ја демантирал.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира