Владата на денешната седница усвои Предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на ковид-19, со кој, како што кажа премиерот Зоран Заев на прес-конференција, ќе бидат опфатени 150 илјади лица од ранливите категории
Со предложениот закон, на физичките лица треба да им бидат отпишани каматите на долговите кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на законот.
„Грижата што ја покажуваме со оваа мерка, опфаќа преку 150.000 граѓани, а законското решение нема негативни финансиски импликации. Напротив, сметаме дека ќе донесе позитивен импакт, бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растоварени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати“, изјави Заев.
Премиерот вели дека ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите и, според него, тука се опфатени пред сè најсиромашните граѓани.
Заев апелираше до приватните компании да го следат примерот на државата, иако не се обврзани со ова законско решение.
„Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но и во законското решение и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните“, вели Заев.
Во февруари минатата година, Собранието усвои сличен закон, тогаш наречен Закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица. Тогаш беа избришани каматите на сите предмети дадени на извршување од страна на јавните и државните претпријатија. И тогаш Заев апелираше до приватните доверители, како ЕВН, Телеком и други, на доброволна основа да се солидаризираат со граѓаните.