ВЛАДАТА СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА НИШТОВНОСТ НА ЛУСТРАЦИЈАТА, ОШТЕТЕНИТЕ ЌЕ ИМААТ ПРАВО НАДОМЕСТ ОД ДРЖАВАТА

    ВЛАДАТА СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА НИШТОВНОСТ НА ЛУСТРАЦИЈАТА, ОШТЕТЕНИТЕ ЌЕ ИМААТ ПРАВО НАДОМЕСТ ОД ДРЖАВАТАЗаконот за лустрација беше донесен во 2008 година, а престана да важи во 2015 година. - Министерката за правда Рената Дескоска на денешната владина седница (Фото: Влада)

    Владата на денешната седница го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни, соопшти Министерството за правда.

    Како што велат од Министерството за правда, станува збор за Предлог – закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

    „Со овој закон, се исправа една долгогодишната неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори. По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи. Воедно, со овој закон во целост стануваат ништовни сите правни последици што ги произвеле правните акти, дејствија и мерки“, се вели во соопштението.

    Според предложеното законско решение, оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници доколку тие се починати имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Република Северна Македонија, согласно одредбите од Законот за облигационите односи, во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон.

    Законот за лустрација беше донесен во 2008 година, а престана да важи во 2015 година. Комисијата за верификација на факти во тој период лустрираше над 300 лица, за кои комисијата утврди дека соработувале со тајните служби и кои потоа имаа ограничување за вршење на јавна функција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира