ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување од Амбасадата на САД во Скопје дали нивниот повик до партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори.
„Еден ден откако ВМРО-ДПМНЕ јавно се произнесе дека ситуацијата во Македонија е зрела за нови избори, Амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада. Одговорот на новинарското прашање следеше откако не беше постигнат договор за формирање на Влада во уставниот рок и СДСМ излезе со став дека треба да го добијат мандатот, иако тоа не е предвидено со Уставот. Со оглед на дискусиите во јавноста кои ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова Влада?“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека прашањето го поставуваат јавно, бидејќи, како што соопштија, ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно.