Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), иницирана од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, денеска пропадна со помош на претседателот на комисијата Скендер Реџепи од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.
Петровска ја имаше пријавено точката: „Информација за незаконско именување на директор на Агенцијата за национална безбедност“, која во комбинација – што од немање безбедносен сертификат на претседателот Скендер Реџепи, што од предлог на точки од ВМРО-ДПМНЕ, како предлог за вонредна контрола на АНБ поради тоа што премиерот Христијан Мицкоски се сомнева оти бил сниман со дрон, не беше ставена на дневен ред.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, доминантно побројни во Комисијата која треба да го следи работењето на АНБ и Агенцијата за разузнавање, од прва точка и иницијатива за денешното свикување на Комисијата, предложија таа да стане трета.
Но, ни како трета не преживеа, зашто претседателот на Комисијата Скендер Реџепи рече дека не може нешто да стави на дневен ред, зашто немал безбедносен сертификат.
Нејасно е што бара Реџепи во таа важна комисија, дали е поставен во неа претседател без сертификат за да ја блокира работата и никогаш да не профункционира Комисијата за надзор на работата на АНБ, како што беше во времето на владите на Никола Груевски од 2006 до 2017 година. Тогаш, Собраниската комисија за следење на работата на тогашната УБК, чиј претседател беше пратеникот Тито Петковски, никогаш не успеа да влезе во контрола на оваа институција, поради процедурални пречки и техникалии. Комисијата не функционираше.
Тоа резултираше со масовно, незаконско прислушување на опозицијата и на стотици и стотици граѓани.
„Не знам која институција утврди дека назначувањето е незаконско, ама сте си зеле за право да ставите ваква точка на дневниот ред. Предлагам прва точка да биде надзор над Агенцијата за разузнавање на 3 декември, а втора точка да биде посета и надзор над Агенцијата за национална безбедност на 16 декември. Не е мала работа премиер на држава да каже на пратенички прашања дека бил следен со дрон додека како лидер на опозиција бил во Прилеп“, кажа пратеникот Драган Ковачки.
Претседателот на комисијата Скендер Реџепи одговори дека нема да го дополни дневниот ред со ваквите барања, зашто ниту тој, ниту неговиот заменик Блерим Беџети од ДУИ немале безбедносни сертификати за да вршат надзор над АНБ и АР.
Повторно прашање, зошто ДУИ именувала претседател и заменик за надзор на работата на тајните служби, луѓе без соодветен безбедносен сертификат.
„Јас немам безбедносен сертификат, нема ни мојот заменик. Овие работи ќе ги ставиме на дневен ред кога ќе добијам безбедносен сертификат“, рече ладно Реџепи.
Според новиот Собраниски деловник, ако се Реџепи се повлече, претседателот Африм Гаши може да назначи заменски претседател на Комисијата за надзор на АНБ од кој било пратеник што го има соодветниот безбедносен сертификат „државна тајна“ ако воопшто тоа беше пречка за седница за отчет на директорот на АНБ Бојан Христовски.
Седницата беше прекината на барање на претседателот Реџепи кој повтори дека нема да има надополнување на дневниот ред.
Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска подоцна на прес-конференција во присуство на пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кажа:
„ВМРО-ДПМНЕ потврди: Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ. Ова што денеска го видовме на седницата на комисијата за надзор над работата на АНБ е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста за ова прашање. Злоупотребувајќи го мнозинството тие денеска спречија одржување на седница и расправа за прашања чии одговори ги чека целата јавност, како македонска, така и меѓународна. Ова денешно однесување на власта, покажува само едно: Дека има тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократските капацитети за владеење на правото!“.
Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, член на Комисијата за надзор на АНБ, кажа:
„Бевме сведоци денес на груб несмасен обид за театар на опозицијата на СДСМ и ДУИ и нивните коалициони партнери. Уште продолжуваат со грубото прекршување на законите, на Уставот, а и на Собранискиот деловник. Како што видовте на седницата, ВМРО-ДПМНЕ имаа јасна намера да ја поддржат иницијативата, иако имаше деловнички пречки за неа и не беа исполнети условите од Деловникот. Но, претседателот на комисијата од редовите на опозицијата не дозволи да се изјасниме за точките на дневен ред да се додадат“.
На новинарско прашање што ќе преземат пратениците од неговата партија кои имаат многу големо мнозинство во Комисијата за надзор на АНБ за да проработи таа, а не да биде вака вечно блокирана дури Реџепи не добие сертификат, Јаревски кажа дека ќе преземат сè во рамки на Деловникот.
На новинарска забелешка да биде конкретен и дека граѓаните не се запознати во детали со Деловникот, па да можат да знаат што ќе преземе ВМРО-ДПМНЕ, Јаревски кажа дека ако опозицијата на пример поднесе интерпелација за Скендер Реџепи, тие ќе ја поддржат.
Не кажа друго решение, не рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе му поднесе интерпелација на Реџепи.
С. К. ДЕЛЕВСКА