ВМРОВЕЦОТ ДЕН ДОНЧЕВ ЌЕ БИДЕ НОВ ДИРЕКТОР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    ВМРОВЕЦОТ ДЕН ДОНЧЕВ ЌЕ БИДЕ НОВ ДИРЕКТОР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОДен Дончев и Никола Груевски на крајот од 90-те години од минатиот век кога беа блиски соработници на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ И премиер Љубчо Георгиевски.

    Ден Дончев е именуван за нов директор на Фондот за здравствено осигурување на место на разрешениот директор Сашо Стефаноски, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од владини извори. Дончев на изборите на 11 декември беше носител на листата во првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“. Тој е поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на Телеком. Во 2014 година, премиерот Зоран Заев на судењето по тужбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за клевета за обелоденување на корупциската афера при продажбата на Македонска банка, рече дека снимките на кои се слуша дека се договара исплата од 1,5 милиони евра во кеш при продажба на банката му ги дал токму Ден Дончев.

    Ниту Министерството за здравство, ниту од Владата потврдија дека Стефаноски е разрешен, ниту пак откриваат кој е именуван на местото на Стефаноски, кој денес на својот фејсбук профил објави дека со одлука на Влада противправно е разрешен од функцијата.

    Исто така не кажаа дали со него е разрешен и вториот директор на ФЗОМ Орхан Рамадани, бидејќи според член 59 од Законот за здравствено осигурување, Владата може да го разреши директорот на ФЗОМ на барање на Министерството за здравство, но истовремено треба да ги разреши и двајцата директори, кои се рамноправни по правата и обврските во ФЗОМ.

    Од Владата велат дека во текот на денешниот ден ќе излезат со соопштение за сите разрешени и новименувани директори на јавни установи и членови на управни одбори, кои се сменети на 16-тата владина седница.  Од Министерството за здравство велат дека до Владата дале предлог за разрешување само на Сашо Стефаноски.
    „Од наша страна даден е предлог за разрешување на Сашо Стефаноски. Според законските прописи треба истовремено и двајцата да бидат разрешени, но како е постапено во случајов треба да барате информација од Владата“, велат од Министерството за здравство.

    Извори од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека директорот Рамадани формално ќе биде разрешен, заедно со Сашо Стефаноски, а потоа повторно ќе биде именуван за директор на ФЗОМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира