Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека институционалната превенција доживеала пораз, со оглед на фактот што во првите два месеца од 2026 година веќе се регистрирани четири случаи на фемицид. На пленарната седница во Собранието по повод Меѓународниот ден на жената, таа изнесе податоци според кои во текот на 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства.
Според неа, симболиката на 8 Март се губи во мракот на суровата реалност и е страшно секоја година на овој датум само да се бројат нови жртви и да се презентираат брутални статистики. Таа потсети на неодамнешната смрт на Ивана и Катја, велејќи дека ѝ е тешко овој ден да го доживее како празник по такви трагедии кои се слика на општество во кое е загрозено правото на живот.
Сиљановска-Давкова вели дека клучниот момент е пријавувањето на насилството. Таа вели дека ако жената не добие поддршка од институциите, туку наиде на службеници за кои насилството е дел од заедницата, таа ќе се посомнева во системот и ќе продолжи да трпи. Обучените полицајци, социјални работници и судии, според претседателката, можат да бидат или активни спасители или пасивни соучесници во делото.
Во однос на законската рамка, таа вели дека не е доволно само да се предвиди кривичното дело фемицид во Кривичниот законик ако често се случува преквалификација на делата или ако се изрекуваат условни казни наместо највисоките санкции. Таа запраша зошто владеењето на правото често се трансформира во владеење на насилните мажи и до кога ќе се менуваат законите наместо да се казнат тие што не ги применуваат.
- СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ЌЕ ОДГОВАРА ЗА НАВЕДУВАЊЕ НА САМОУБИСТВО, ЗА ТЕШКИ ТЕЛЕСНИ ПОВРЕДИ И ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА СИГУРНОСТА НА СОПРУГАТА КОЈА СО ДЕТЕТО ПОЧИНАА ПО ПАД ОД ТЕРАСА ВО КАРПОШ
- ЈОВАНОВСКИ ДОБИ ПРИТВОР, ЗА ДА МОЖЕ НЕПРЕЧЕНО ДА СЕ СОБЕРАТ ДОКАЗИТЕ ОД ТЕЛЕФОНИTE И ИЗЈАВИТЕ ОД СОСЕДИТЕ ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕТО НА ПОКОЈНИТЕ ИВАНА И ЌЕРКATA
Претседателката потсети дека со ратификацијата на Истанбулската конвенција државата презеде обврска за функционален систем на заштита, но тие заложби не смеат да останат само декларативни. Таа укажа и на глобалниот контекст, велејќи дека дури и по 30 години од Пекиншката декларација, правата на жените сè уште се загрозени, особено во воени услови каде жените и девојките се најчестите жртви.
Како позитивен пример го наведе податокот дека во земјава повеќе од половина од истражувачите се жени, што е сериозен интелектуален потенцијал. Сепак, таа вели дека патот до позициите на одлучување сè уште не е подеднакво пристапен за сите и дека учеството на жените во власта е показател за зрелоста на јавните одлуки.
На крајот, Сиљановска Давкова рече дека жените не очекуваат привремена галантност со букети и рози кои брзо венеат, туку трајна безбедност низ функционален систем во кој достоинството на секоја жена ќе биде заштитено.



