Дваесет и шест општини ќе бидат опфатени со еколошката акција „Генералка викенд“, што „Пивара Скопје“, „Пакомак“ и организаторот „Мен енд Маунтен“ ја најавија како најголема во Македонија досега. Поддржана и од Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, таа ќе се одвива од 6 до 8 мај во општините Аеродром, Берово, Битола, Град Скопје, Ѓорче Петров, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Сарај, Теарце, Велес, Валандово, Босилово, Демир Капија, Гостивар, Крушево, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип, Гевгелија, Конче и Струмица. На 9 мај ќе има специјална акција во Дебар, а на 17/18 мај во Шуто Оризари.
Предвидено е почетокот на акцијата да биде означен со собирањето отпад на Водно в петок.
„Со најновата еколошка акција, која ќе биде досега најголема од ваков вид во земјата, сакаме да постигнеме двоен ефект во заштитата на природата. Во пролетниот дел од оваа акција сакаме да го собереме отпадот од голем број локации ширум земјата, а во есенскиот дел сакаме да придонесеме за збогатување на шумскиот фонд. На ваков начин продолжуваме да ги реализираме платформата ‘Свет без отпад‘ и иницијативата за намалување на јаглероден диоксид во атмосферата“, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на „Пивара Скопје“.
За собраниот отпад и овојпат ќе се погрижи „Пакомак“, кој ќе направи негова соодветна селекција и рециклирање. Планирано е за секои десет килограми собран отпад да се посади едно дрво. Акцијата на пошумување ќе се спроведе наесен. Дополнителен број садници ќе се обезбедат од средствата што ќе бидат донирани преку платформата „Сончева гора“, која ќе биде отворена за сите заинтересирани поединци и компании
„Откако ја започнавме ‘Генералка викенд‘ во 2021 ги поврзавме сите слоеви на нашето општество, граѓани, невладини организации, општини, важни компании и институции, за да следиме заедничка цел: да го рециклираме отпадот од минатото во зелена иднина, која треба да даде надеж и можности за нашите и следните генерации да останат во нашата земја. Нашата цел е да ја исчистиме татковината од отпад во периодот од 2021 до 2031“, кажа Гордана Софија од „Мен енд Маунтен“.
Г. КОНЕВ