ВО ГОЛЕМИТЕ ОПШТИНИ ПОИСПЛАТЛИВО ЌЕ БИДЕ ДА СЕ РЕГИСТРИРА ПАРТИЈА ОТКОЛКУ ДА СЕ СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА КАНДИДАТУРИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ВО ГОЛЕМИТЕ ОПШТИНИ ПОИСПЛАТЛИВО ЌЕ БИДЕ ДА СЕ РЕГИСТРИРА ПАРТИЈА ОТКОЛКУ ДА СЕ СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА КАНДИДАТУРИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИЛокалните избори годинава треба да се одржат на 17 октомври. - Од гласањето за парламентарните избори лани (Фото: СДК.МК)

    Во Град Скопје и поголемите општини како Куманово, Битола, Тетово, Гостивар, Аеродром и неколку други ќе биде полесно да се регистрира нова политичка партија, отколку да се собираат потписи за кандидатура на независна листа или градоначалник на локалните избори, ако во Собранието поминат измените на Изборниот законик, кои вчера ги најави премиерот Зоран Заев.

    Заев рече дека не се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку во изработка на предлог-законот учествувале сите политички партии, и Алијанса за Албанците и Левица.

    Според најавените измени, за поднесување кандидатура на независна листа или градоначалник ќе бидат потребни потписи од 2 отсто од избирачите во општината или Град Скопје. Како што кажа Заев, за општина со 50.000 избирачи ќе бидат потребни 1.000 потписи, исто колку што е потребно за регистрирање политичка партија, според Законот за политички партии.

    Освен Град Скопје, каде што според податоците од последните локални избори има 460 илјади избирачи, општини со над 50 илјади избирачи се Куманово, Битола, Тетово, Гостивар, Аеродром, Прилеп, Карпош, Кисела Вода и Охрид. Во сите овие општини ќе бидат потребни над илјада потписи за кандидатура на независна листа или градоначалник.

    На пример, во Куманово ќе бидат потребни околу 1.800 потписи, во Битола, Тетово и Гостивар околу 1.600, а во Град Скопје над 9.000 потписи.

    Дополнително, отежнителна околност за собирањето потписи за учество на локални избори е тоа што потписите се собираат пред службените лица на Државната изборна комисија и тоа во рок од 15 дена, а може да се потпишуваат само граѓани од општината. За основање политика партија, потписите се даваат со изјава пред нотар и нема такво временско ограничување, ниту пак се ограничуваат граѓаните со местото на живеење.

    Според сè уште актуелното законско решение, за поднесување независна кандидатура во општина до 10.000 жители се потребни 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општина од 10.001 до 30.000 жители 150 потписи, во општина од 30.001 до 50.000 жители 250 потписи, во општина од 50.001 до 100.000 жители 350 потписи и во општина над 100.001 жители 450 потписи. Во Град Скопје се потребни 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.

    На политичките партии не им се потребни потписи за да поднесат кандидатури за советници и градоначалници.

    Локалните избори годинава треба да се одржат на 17 октомври.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира