Со 13.300 модерни робови, Македонија е на европскиот врв според процентот на граѓани кои живеат во т.н. модерно ропство, стои во најновиот извештај за Глобалниот индекс на ропство 2016, кој го објавува австралиската фондација „Вок фри“ (Walk Free Foundation). Според проценките на експертите за човекови права, во некаква форма на модерно ропство во светот живеат 45,8 милиони мажи, жени и деца, а во индексот се рангирани 167 земји базирано на односот на популација за која се проценува дека живее во модерно ропство.
Македонија, Русија и Турција, се единствените европски земји рангирани меѓу првите 20 со највисок процент модерни робови од севкупното население. Во Европа, Македонија е на врвот. Проценките на организацијата се дека 0,64 отсто од населението на земјата се третираат како робови. Со тоа, земјата го зазема и високото 18. место на листата на која убедливо води Северна Кореја. Во групата со Македонија, со сличен процент од населението на листата се Колумбија, Мароко, Перу, Венецуела, Јордан, како и Танзанија, Ангола, Брегот на слоновата коска, Нигер, Зимбабве, Чад, Буркина Фасо, Бурунди, Таџикистан. Прва следна европска земја на листата е Полска, на 24. место, а од регионот најблиску е Босна и Херцеговина со процент од 0,46 отсто модерни робови од вкупното население.
Според извештајот, во корелација со БДП, Македонија е и меѓу земјите кои имаат релативно силна акција против модерното ропство и покрај малите ресурси, и според тоа е во групата со Филипини, Бразил, Грузија, Јамајка, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Албанија и Србија.
За модерно ропство се смета состојба на експлоатација од која некое лице не може да избега поради закани, насилство, принуда, злоупотреба на моќ или измама. За модерно ропство, на пример, се смета кога луѓе се држат во должничко ропство, како домашни слуги или заробени во бордели. Во проценките се вклучени и жртвите на трговијата со луѓе, како и принудните бракови.
58 отсто од луѓето што живеат во модерно ропство се во 5 земји: Индија, Кина, Пакистан, Бангладеш и Узбекистан. На светскиот врв е азиско-пацифичкиот регион со 30,4 милиони луѓе кои работат или живеат во услови на ропство. Најмал е бројот во Европа, 1,2 милиони. Само во Индија, околу 18 милиони луѓе се сметаат за робови. Земја со најголем процент на робови е Северна Кореја, 4,4 отсто од населението. Со најнизок процент модерни робови се Луксембург, Ирска, Норвешка, Данска, Швајцарија, Австрија, Шведска, Белгија, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд.