Во Македонија, епилепсијата најчесто се јавува во два пика, во детството-адолесценцијата и кај лицата над 50 години. Во последно време, пикот во првата категорија се намалува, а кај оние над 50 години расте постепено, достигнувајќи го врвот кај пациенти од 70 до 79 години, вели д-р Марија Бабуновска, невролог од Клиниката за неврологија, во чест на 26 март, Меѓународен ден посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот.
Д-р Бабуновска за МИА вели дека епилепсијата ги зафаќа луѓето од сите возрасти и од двата пола, но кај нас почеста е кај мажите. Вкупната бројка на пациенти со епилепсија во Македонија е 13.824, а преваленцата на епилепсија изнесува 6,67 на 1.000 жители.
Се проценува дека над 50 милиони луѓе ширум светот боледуваат од различни форми на епилепсија, што ја прави една од најчестите невролошки болести.
„Тоа што пикот расте кај пациентите над 50 години може да се објасни со подолгиот животен век и со порастот на бројот на заболувања поврзани со возраста и стареењето кои имаат епилептогени потенцијал, како мозочен удар, деменција и така натаму“, додава Бабуновска.
Таа смета дека свеста за оваа болест е мала и дека со факти треба да се разбијат некои митови за пациентите со оваа болест.
„Тие митови се дека епилепсијата е ретка болест, дека ако сте имале еден напад значи дека имате епилепсија, дека епилепсијата е психолошка состојба и форма на ментална болест и луѓето се емоционално нестабилни, дека сите напади се исти, дека е лесно да се каже кога нападот ќе се случи, дека дијагнозата на епилепсијата е едноставна, дека лицата со епилепсија се ‘епилептичари’ и не можат да се носат со голем притисок на работните места и високи и сложени функции, дека мора да се родиш со епилепсија, дека таа претставува доживотно нарушување, дека за време на напад едно лице може да го проголта јазикот, дека епилепсијата не може ефикасно да се регулира, дека епилепсијата е заразна болест…. Сѐ што споменавме се само митови“, вели д-р Бабуновска.
Таа вели дека пациентот не треба да се остави сам за време на нападот.
„Препорачливо е оној кој е очевидец да остане до него, да се обезбеди просторот од објекти кои би го повредиле пациентот и најбитно е – да не се паничи. Потребно е да биде поставен во странична положба, да се стави нешто меко под главата и да не се ставаат предмети во устата, да не се извлекува јазикот, бидејќи тоа е мит дека јазикот може да се голтне. Значи, доволно е да се остави во странична положба, да бидат слободни дишните патишта. Вообичаено нападите се само лимитирачки, но доколку нападот трае повеќе од вообичаено, повеќе од пет минути или доколку нападите се повторуваат, да се повика итна медицинска помош за пациентот да прими соодветна терапија и да биде пренесен во болница“, додава таа.
Македонското невролошко здружение, Македонската лига против епилепсија и Клиниката за неврологија ќе го одбележат овој ден вечерва од 18 до 19 часот на Плоштад Македонија и од 19 до 20 часот пред Порта Македонија, која ќе биде осветлена во виолетово.