Пеперутките со својата убавина, нежност и грациозност се украс на секоја ливада, но не само тоа, нивното присуство се сигурен показател за чиста животна средина, бидејќи тие можат да опстојат само во такво опкружување. Истражувањата на ентомолозите, научници кои ги изучуваат инсектите, за видовите пеперутки на тлото на Македонија започнало уште во првата половина на минатиот век, но позначајните резултати доаѓаат во 1960-тите и 1970-тите години кога македонските ентомолози, потпомогнати од странски експерти, ги прават првите сериозни истражувања и ги формираат првите пообемни збирки на пеперутки кои живеат на овие простори.
Професорот Владимир Крпач е во редот на најценетите ентомолози од таа прва група македонски експерти од оваа област. Тој од 1987 година почнува посебно ги проучува пеперутките кои живеат на просторот на Македонија. Досега, заедно со група автори, има објавено две книги на оваа тема, едната е за пеперутките на Шар Планина, а втората е за пеперутките на Галичица.

Pseudochazara Cingovski, позната и под името „Македонска сивка“, е вид кој го има само во Македонија и никаде на друго место, а која името го добила по македонскиот ентомолог Јонче Чинговски. (Фото: В. Крпач)
„Во Европа се познати 496 видови дневни пеперутки, а според мојот најнов податок кој наскоро и официјално ќе го објавам, во Македонија има 212 видови дневни пеперутки, значи оние кои се активни преку ден, кои се распоредени во 85 родови, 14 триби, 14 под семејства и 5 семејства. Но, освен дневни кај нас има и ноќни пеперутки, или како ги викаме и молци, а нивниот број е над 2.500 видови. Мојата примарна цел на проучување се дневните пеперутки, но не ги занемарувам и оние ноќните зошто и за нив имам пишувано научни трудови. Но, бидејќи ноќните пеперутки се во навистина голем број, ќе треба уште многу, многу, работа тие сите да се проучат, што сигурно би требало да го направат помладите генерации ентомолози“, вели професор Крпач, предавач по биологија на постдипломски студии во Институтот за екологија и технологија при Државниот универзитет во Тетово.
Тој вели дека овој голем број видови пеперутки што ги има во Македонија се должи, пред сè, на глобалните затоплувања кои предизвикуваат миграција на некои видови пеперутки, па одвреме на време некои пеперутки од Грција ќе преминат во Македонија.
„Нашата земја ја има вертикална стратификација односно многу високи планини и таму се присутни артоалпски елементи, но има и низини, како Пелагонија, Полог, каде се јавуваат тие низински елементи. По течението на Вардар и Радика, дури до Луково Поле се чувствува медитеранската клима и има медитерански елементи и сето тоа им одговара на пеперутките. Затоа, не случајно кај нас има многу повеќе видови пеперутки од соседна Србија која има далеку поголема територија од нашата. Еве, само на Шар Планина има 178 дневни пеперутки, што е навистина импозантен број“, вели Крпач.
Освен што ги проучува пеперутките во Македонија, Крпач им дал и македонски имиња и со тие имиња се регистрирани во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и сега сите ги користат. Сепак, за него од посебно значење е пеперутката која се именува како Pseudochazara Cingovski, позната и под името „Македонска сивка“, вид кој го има само во Македонија и никаде на друго место, а која името го добила по македонскиот ентомолог Јонче Чинговски.
„Pseudochazara Cingovski спаѓа во групата на окати пеперутки, а ја има само на Плетвар и тоа во околината на рудникот Сивец, на површина од само 10.000 квадратни метри. За жал, нејзината популација е во голем пад поради проширување на рудникот кој ѝ го одзема животниот простор и поради ова таа се наоѓа во категоријата загрозен вид. Но, не само тоа, како ретка пеперутка таа се заловува и се продава на странски колекционери, а тоа дополнително ја загрозува нејзината и онака мала популација. Оваа пеперутка е откриена 1974 од германскиот ентомолог Грос кој овде истражувал и соработувал со Јонче Чинговски, наш многу значаен и ценет ентомолог, и по него оваа пеперутка го доби името“, вели професорот Крпач.
Сите пеперутки во Македонија се убави, некои повеќе, некои се со поскромен изглед, но некои се вистински убавици. Кај поголемиот број видови пеперутки машкиот примерок е тој кој е со убави и живописни шари, додека женката се со поскромен изглед. Една таков вид е т. н. Аполонова пеперутка која освен што е распространета во многу земји во Европа, е присутна и во Македонија, но и од неа од година в година се намалува популацијата.

Професорот Владимир Крпач е во редот на најценетите ентомолози од таа прва група македонски експерти од оваа област. (Фото: СДК.МК)
„Една од најзаштитените и која најмногу се среќава во документите на ЕУ е пеперутката Parnassius Apollo или како што ја викаме Аполонова пеперуга. Таа кај нас ја има во два подвидови. Тоа е многу интересна и колоритна пеперутка која се храни од растението ‘Седум’ и ја има таму каде го има ова растение. Овој вид пеперутка спаѓа во категоријата ранлив вид бидејќи секоја година ѝ опаѓа популацијата. Неа ја има на повеќе места во Македонија меѓу кои и на Шар Планина, но кога по нарачка на Националниот парк ‘Шар Планина’ извршив мониторинг врз оваа пеперутка забележав дека на едно место популацијата ѝ беше многу намалена во однос на минатата година. Врз намалувањето на бројот на пеперутки влијаат повеќе фактори, пред сè климатските промени, но во последно време загрижува и се поголемата употребата на оние т. н. четирицикли со кои луѓето се движат по планинските предели и притоа креваат голема врева и прашина и предизвикуваат голема штета на ливадите, односно на местата каде живеат пеперутките, но и другата животинска и билна популација. Пеперутките претставуваат една од најпознатите групи на инсекти и станале важни модели за проучување на специјацијата, екологијата на заедниците, биогеографијата, климатските промени и интеракциите помеѓу инсектите и растенијата. Дневните пеперутки, заедно со некои растенија и рбетници, се индикатори според кои се прави оценка колку е загрозена одредена област“, појаснува професорот Крпач.
Во неговата колекција, која се наоѓа во просториите на Институтот за екологија и технологија на Попова Шапка, има стотици примероци пеперутки од Шар Планина како и примероци од други инсекти кои живеат на овие простори. Но, како што вели тој, ова е само мал дел од животинскиот свет кој живее на овие простори и кој треба детално да се проучи и, што е посебно важно, да се зачува од уништување.
З. АНДОНОВ