ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ ТРЕБА ДА СЕ ВКЛУЧАТ И ЛУЃЕ ОД БИЗНИСОТ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ВО СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ

    ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ ТРЕБА ДА СЕ ВКЛУЧАТ И ЛУЃЕ ОД БИЗНИСОТ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ВО СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ„Преговорите со Европската унија не се само политички туку има и конкретни преговори во делот на економијата“, рече претседателот Стево Пендаровски на состанокот со Советот на странски инвеститори (ССИ) во Стопанската комора. (Фото: Стопанска комора)

    Во преговорите за влез во Европската унија треба да бидат вклучени и луѓе од бизнисот и нивните еснафски здруженија, рече претседателот Стево Пендаровски на работниот состанок со Советот на странски инвеститори во Стопанската комора. Тој рече дека ова е важно, бидејќи скоро и да нема поглавје од пристапните преговори кое не се однесува на економијата.

    „Инсистирам, тоа и досега го правев, а ќе го правам и натаму, без луѓе од еснафските здруженија да не се оди на преговори во Брисел. Битно е луѓе од бизнисот да го кажат своето, бидејќи тоа што ќе го потпишеме таму ќе нè обврзува“, рече Пендаровски.

    Тој рече дека ова е важно, бидејќи следниот месец Македонија очекува да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

    „Ќе инсистирам делови од еснафските здруженија, поединци со искуство да помогнат, бидејќи тоа не се чисти политички преговори, туку има и конкретни преговори и во делот на даноци и во делот на инвестиции и во делот на услови за инвестирање. Буквално во сите битни сектори на економијата во една земја“, рече Пендаровски.

    Претставниците на компаниите се пожалија дека има недостиг на кадар, побараа да бидат вклучени во носење на законските решенија кои се однесуваат на економијата, да се обезбеди владеење на правото.

    Претставник на ревизорската куќа „Дилојт“ побара да се изменат сметководствените стандарди и да се усогласат со европските за да им се олесни на компаниите при пишување на финансиските извештаи, а не како досега да пишуваат по три извештаи. Како пример го спомна и делот со субвенциите што ги добиваат компаниите од државата за стимулирање на бизнисот, односно субвенциите се сметаат како приход и се оданочуваат во првата година, а ефектите од нив се гледаат неколку години подоцна.

    Пендаровски рече дека неговиот економски тим добил задача при сите билатерални средби да ги консултира стопанствениците и еснафските здруженија, односно да видат што можат да помогнат и да ги пренесат нивните барања. Тој рече дека со Министерството за надворешни работи ќе договараат во конзуларни преставништва меѓу вработените да има и луѓе кои се економски профилирани за да може да помогнат во целиот процес.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира