Ветерани и поддржувачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) денеска одржаа протест на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, барајќи правда за поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Специјалниот суд во Хаг. На протестот, покрај раководството на ДУИ предводено од лидерот Али Ахмети, присуствуваше и Зијадин Села од Алијанса на Албанците.
Ахмети кажа дека судскиот процес во Хаг мора да заврши со ослободителна пресуда.
„Сите оние што се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека протестот не е насочен против државата Македонија. (Фото: СДК.МК)
Учесниците на протестот велат дека ОВК не била криминална организација, туку формација која се борела за правата и еднаквоста на Албанците, притоа почитувајќи ги меѓународните конвенции за војување. Тие ги отфрлија наводите во обвиненијата против поранешните лидери на организацијата.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
За време на говорите, присутните извикуваа пароли за поддршка на ОВК, носеа фотографии од обвинетите во Хаг, а се вееја знамиња на Албанија, Косово и на САД.
Протестот помина мирно и без инциденти, а околу плоштадот беше забележливо зголемено полициско присуство.



