По екстракцијата на податоци од телефонскиот уред користен во 2023, па активиран пак во 2025 година, истражителите од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција утврдиле во мобилниот телефон на обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов броеви, а некаде и комуникации со: Исмет Гури (обвинет во Титаник 3), па лице Цандо, пријател на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот, обвинетиот гинеколог Марјан Стојоски, со Антонио Визија, Антонио Георгиев Визија Т, па комуникација на мрежата сигнал со лице Боки (со Бојан Јовановски), со колегата апелационен судија Енвер Беџети „нов“, кој чуваше предмети со месеци и со години во фиоки.
Натаму, во мобилниот Ѓоко Ристов има лице запишано како Ана Камчева (чиј тогашен сопруг Орце Камчев беше притворен, обвинет па осуден), па „Асмир на Пуцко“, па Азманов Зоран, Бабе Исмаил (Исмаил Јахоски), Цандо (Александар Вељановски, пријател на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот, со два броја, потоа Фатмир на Фени, па ФС (сега осудениот Фехми Стафа, кој сведочеше дека митото од 50 илјади евра било за Ѓоко Ристов), од Љупчо Пецов-Ѓаволот за кој постапуваше Ристов, од Фросина Ремњнски, Гури УЈП, Пуцко и Вице Заев.
На денешното продолжение на судскиот процес против Ристов кому во семејната куќа во Неготино, над катот на неговите родители, во дупка зад плочките во кујната му беа најдени 350.000 евра, беше прочитана и комуникација, прашање од него до колегата Енвер Беџети: „Друже како ти стои сега со ова што го имате КСЗ, ме прашува една колешка, брат и’ бил?”.
Па збори со лице за „предмет кај колешката Букурие”, вели „битно ни е да биде до тогаш и тогаш, зашто имаме предмет за Маја што го вратила“.
Од она што го читаше обвинителката Искра Хаџивасилева, Ристов бил како шалтер во Апелациониот суд Скопје. Во неговиот мобилен имаше прашање од непознато лице до него: „И вториот предмет им помина. Што е работава, нели беше средено?”.
Претходно, вештакот Ѕвонко Кочовски ангажиран од обвинителката за организиран криминал и корупција Искра Хаџивасилева, кој направил увид во годишните даночни пријави на обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов и на неговата сопруга Симона Ристова од 2016 до 2024 година, сведочеше во насока дека како што рече обвинителката, нивните приходи не го оправдуваат износот од 350.000 евра за кои се гони судијата.
Ги анализирал приходите само до 2024 година, зашто како што рече вештакот, само дотогаш имало достапна документација. Тој направил увид за нето-примањата, приливите на средства што Ристов ги имал во неколку банки како и увид во имотот што го поседува обвинетиот судија, според Агенцијата за катастер. Оваа анализа била направена и за другите членови на неговото семејство, таа е доставена како доказ до Кривичниот суд и до одбраната, а денеска се презентираа само кратки одделни сегменти.
„Кои беа месечните примања на Ристов и на неговата сопруга Симона?“, праша обвинителката.
„Во 2016 биле 723 илјади денари, односно месечните примања таа година му биле околу 60.000 денари. Утврдив дека во 2019 година биле околу 75 илјади, а во 2024 година месечните му биле меѓу 115.000 и 120.000 плата“, одговори вештакот.
„И сопругата му е со буџетска плата. Какви се нејзините примања за овој период?“, праша Хаџивасилева и за неа.
„Во 2016 месечните примања на Симона Ристова и’ биле 17.000 денари, па 60.000, а во 2024 година околу 90.000 денари“, кажа тој и додаде дека други значајни примања сопружниците немаат, а како незначајни лицето Ристов имал приливи од Академијата за судии и обвинители, околу 86.000 денари.
Во вкрстено испрашување, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ побара од вештакот да прочита одделно во секоја од петте банки колку средства има депозит обвинетиот судија, па рече:
„Ќе се согласите ли со мене дека ако ги собереме сите суми, ова е 25 милиони денари? На Симона се 11 милиони. Дали вкупно тоа се 37 милиони денари или во превод 600.000 евра?“.
Вештакот одговори потврдно.
„Дали кај мајката Донка Ристова утврдивте поседување на вкупно 975.000 евра?“, продолжи адвокатот, а вештакот одговори потврдно.
„Обвинетиот е судија од 2008 година. Пред 2016 година сите овие лица биле вработени и остварувале приходи. Дали знаевте дека во 2017 година Ристов уплатил 1.230.000 денари за рата за купување стан?“, прашуваше адвокатот, а вештакот потврди.
Двапати адвокатот забележа дека вештакот анализирал документи доставени од Обвинителството, на што реагираше обвинителката зошто не би биле релевантни документи прибавени од Обвинителството.
Адвокатот реагираше дека приходите на Ристов се многу поголеми, дека тој пресметувал за помалку месеци. Зборуваше како Ристов, сопругата и семејството да живееле на воздух, како да не трошеле туку само заработувале.
Потоа реагираше дека ги констатирал купувањето обврзници од судијата и вложувањата пари, а не ги зел предвид каматите од тие пари.
На последно вкрстено прашање, вештакот одговори дека не знае откај му се парите на судијата и на членовите на семејството, односно дека не го знае нивното потекло.
Според адвокатот Давидовиќ, само 570.000 евра на Ристови не се објаснети, но нивниот вештак ќе го прикаже потеклото на тие пари на следните рочишта.
С. К. ДЕЛЕВСКА



