СО ВОДЕН НОЖ СЕ ВАДЕА ТУМОРИ ОД ЖЕЛУДНИК И ДЕБЕЛО ЦРЕВО, НОВ МЕТОД НА КЛИНИКАТА ЗА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА

    СО ВОДЕН НОЖ СЕ ВАДЕА ТУМОРИ ОД ЖЕЛУДНИК И ДЕБЕЛО ЦРЕВО, НОВ МЕТОД НА КЛИНИКАТА ЗА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА„Нашите пациенти денес нема да одат на хирургија, туку ние тука со ендоскопска апаратура и со водениот нож ќе им ги извадиме туморите и полипите, а уште утре ќе си одат дома“, кажа д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија (Фото: СДК.МК)

    На Клиниката за гастрoентерохепатологија со употреба на воден нож преку ендоскопска процедура денес беа отстранети тумори и полипи од желудник и дебело црево кај осум пациенти, кои вообичаено се праќаат на хирургија на класична операција.

    Овој нов метод на отстранување поголеми полипи и тумори од желудник и дебело црево за прв пат се изведени во Македонија, а според проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија, во регионот се изведува во Хрватска, додека во Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово не се прави. Таа објасни дека овој метод денес се изведува на Клиниката во рамки на ендоскопска работилница, која се одржува на Гастро, а со тимот македонски лекари работи и професорот Аксел Ајкоф, шеф на ендоскопија при болницата Ханау од Германија.

    Додека тимот лекари од Клиниката за гастроентерохепатологија заедно со проф. Аксел Ајкоф отстрануваа тумор од дебелото црево, преку видеопренос другите лекари ја следеа операцијата (Фото: СДК.МК)

    „Нашите пациенти денес нема да одат на хирургија, туку ние тука со ендоскопска апаратура и со водениот нож ќе им ги извадиме туморите и полипите, а уште утре ќе си одат дома и нема да има потреба од сето она што значи постоперативно закрепнување. За денес селектиравме осум пациенти , двајца од нив се редок вид тумори под првиот слој на лигавицата на желудникот. Другите се со тумори на дебелото црево и со големи полипи кои не се вадат со онаа апаратура што ја имаме. Сега во моментов оперираме пациент со тумор на дебелото црево во делот кај ректумот и процедурата се изведува со ендоскопски апарат“, рече Гривчева Старделова.

    Таа објасни дека за време на процедурата пациентот е под анестезија, бидејќи таа може да трае и до 10 часа во зависност од големината и поставеноста на туморот или полипот што се вади.

    „Водениот нож се става во каналот на ендоскопскиот апарат, односно во гастроскопот ако е во желудникот, или во колоноскопот ако е во дебелото црево. Во текот на процедурата водениот нож испушта вода и може да се види ако некаде има крварење, за да се запре. Практично со него се подига полипот и се сече и се вади. Доколку е поголемо парчето се сече дел по дел и се вади“, вели  д-р Гривчева Страделова.

    Следната ваква работилница Клиниката ќе ја организира во октомври годинава, кога очекуваат да има и повеќе пациенти. Клиниката за гастроентерохепатологија водениот нож денес го доби на користење од компанијата ЕРБЕ, која развива инструменти и апарати за електромедицина.

    Проф. Аксел Ајкоф, шеф на одделот за ендоскопија во болницата Ханау во Германија, кажа дека Клиниката за гастроентерохепатологија има одличен тим лекари кои многу успешно го изведуваат зафатот (Фото: СДК.МК)

    Д-р Гривчева Старделова вели дека очекуваат годишно минимум 30 пациенти и дека ќе се потрудат да ја обезбедат апаратурата, бидејќи во тој случај може да селектираат и други пациенти, кои имаат помали полипи и тумори. Таа објасни дека со оваа процедура може да се отстрани и карцином во рана фаза.

    „Ако се придржуваме на препораките од европското гастрoентерхепатолошко здружение и ги повикаме сите пациенти над 50 години да направат колоноскопски преглед и тие што имаат фамилијарна историја, ќе најдеме повеќе пациенти. Често на око гледаме полип, а по хистопатолошката анализа излегува дека парчето што сме го извадиле е тумор во рана фаза. Во таквите случаи вадење на полипот значи и излекување, во  зависност во која фаза е туморската промена и дали се зафатени и крвните садови. Во вакви случаи сме извадиле карцином, а не сме занеле дека е карцином. Тоа е предноста на ендоскопските прегледи и предноста од користење на оваа техника“, рече д-р Гривчева Старделова.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира