ВОЗАЧОТ НА ПАНДЕЛЕСКИ ОБВИНЕТ ЗА ОБИД ЗА ИЗНУДА, ЈА УЦЕНУВАЛ СОПРУГАТА НА ГАЗДАТА НА ПЕЛИСТЕРКА

    ВОЗАЧОТ НА ПАНДЕЛЕСКИ ОБВИНЕТ ЗА ОБИД ЗА ИЗНУДА, ЈА УЦЕНУВАЛ СОПРУГАТА НА ГАЗДАТА НА ПЕЛИСТЕРКАГаздата на „Пелистерка“ Цветан Панделески беше спроведен на распит во Основниот суд Скопје 1 на 9 ноември, а потоа и притворен во истрагата на СЈО „Империја“. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за обид за изнуда против возачот на сопственикот на компанијата „Пелистерка“ Цветан Панделески, кој заедно со Орце Камчев и Сашо Мијалков се главните осомничени во истрагата на СЈО „Империја“. Тој на сопругата на Панделески ѝ барал 150.000 евра за да и даде документи со кои може да го извади нејзиниот сопруг од притвор.

    Од ОЈО соопштија дека на возачот му се става на товар кривично дело – изнуда, кое е предвидено и казниво согласно член 258 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

    „Обвинетиот во текот на ноември и декември 2018 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, упатувал сериозни закани преку телефон на оштетена, тврдејќи дека поседува документи со кои би можел да го извади од притвор нејзиниот сопруг. За да и ги достави тие документи, осомничениот од неа барал да му исплати сума од 150 илјади евра, а истовремено и се заканувал дека доколку пријави ќе постави бомба и дека ’ќе биде лошо за неа и за нејзините внуци‘. Оштетената не му го исплатила бараниот износ и тој не успеал да ја реализира намерата“, соопшти ОЈО.

    За возачот на Панделески, според ОЈО на сила се претходно определените мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.

    На 9 ноември 2018 година обвинителката од СЈО Лиле Стефанова ја отвори истрагата именувана како „Империја“, против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска – Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

    Во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку фирми и компании кои биле или се во нивна сопственост.

    Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор на на Орце Камчев сопственикот на „Орка холдинг“, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 13 осомничени во „Империја“.

    Панделески, како и Камчев, беше пуштен од затворот во Шутка во куќен притвор на 28 декември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира