Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор за 20-годишникот кој вчера, возејќи пијан, без дозвола и минувајќи на црвено светло, ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова додека минувала на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје. Од ударот таа добила тешки телесни повреди од кои на лице место починала.
Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка за возачот осомничен за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Тој возел „пежо 207“ сопственост татко му по десната сообраќајна лента од Партизанска.
„Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улицата 29 Ноември, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента“, соопшти Обвинителството.