Четириесет и осум лица, од кои 23 негуватели, се вработени изминативе месеци во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, рече вчера министерот за здравство Азир Алиу на отворањето на првата меѓународна конференција за геријатриска и палијативна медицина со меѓународно учество. Меѓу вработените се и 22 хигиеничари, двајца возачи и еден лаборант. Еден доктор е упатен на специјализација по интерна медицина и двајца доктори-специјалисти на супспецијализација по геријатриска медицина. За следната година се планирани уште две супспецијализации по геријатриска медицина.
Алиу кажа дека за болницата е обезбедена нова медицинска и немедицинска опрема, како што се електрохируршка единица на радиобранови, крио-спреј, парен автоклав-воден стерилизатор, болнички наткасни со масички за хранење и справи за физикална терапија.
Директорката на Болницата, прим. д-р Ленче Нелоска, во интервју за МИА вели дека рапидно расте процентот на постара популација со демографските промени што се случуваат глобално. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство.
„Геријатриската и палијативната медицина, глобално стануваат критична тема. До 2050 година најголемиот дел од популацијата ќе биде на возраст над 60 години и ќе има голем импакт на здравствените системи. Секоја земја развива сопствен модел, соодветно на потребите и можностите. Така, во 2022 година, најголем број кревети по глава на жител, во установи за долготрајна грижа е забележан во Холандија и Шведска, а најмал во Грција и Бугарија. Кај нас, често не се прави разлика меѓу старски дом, геријатрија и палијативна грижа. Капацитетите на установата се лимитирани и секогаш исполнети, што резултира со листи на чекање и неможност да им се помогне на пациентите и на семејствата, тогаш кога е најпотребно. Болницата ’13 Ноември’ згрижува 340 пациенти“, вели Нелоска.
Таа вели дека е познато е оти во Македонија има јавни и приватни домови за стари, во кои поради недостаток на болнички капацитети неадекватно се сместуваат пациенти со различни здравствени предизвици.
„Сметам дека е неопходна интерсекторска соработка и координација меѓу здравството и социјалата. Неопходна е категоризација на пациентите, но и на установите. Во процесот на планирање и создавање на капацитети, треба да се земат предвид и приватните домови, кои би се лиценцирале за определено ниво на нега. Сметајќи ги и овие кревети во Македонија на 100.000 жители со возраст од 65+ има 127 кревети во геријатриска установа. Споредено со нашите соседи членки на ЕУ, ние имаме подобра позиција, но и покрај тоа, капацитетите не се доволни“, вели Нелоска.
Говорејќи за приоритетите на кои треба да се работи, Нелоска вели дека е потребна стратегија за оваа гранка од медицината, поради трендот на раст на повозрасната популација, како и на малигните болести.
„Сметам дека прв чекор треба да биде демографска проценка и проекција по региони во Македонија и анализа на постојните неискористени капацитети. Истовремено, потребна е категоризација на пациентите според дијагноза, степен на попреченост и зависност од туѓа помош. Неопходна е категоризација на установите (јавни и приватни) за специфична категорија на пациенти, на пример: категорија – дом за згрижување, категорија – дом за нега, категорија – болница за долготраен престој (геријатрија и палијатива). Исто така, треба да се креира патека на движење на пациентот, врз база на медицина базирана на докази, односно, негово движење од една во друга категотија на болеста, како и движење од една до друга лиценцирана установа за определено ниво на грижа“, вели Нелоска во интервјуто.
На прашањето за тоа дали земјава има доволно стручни кадри, за остварување на зацртаните цели во геријатриската и палијативната медицина, директорката вели дека геријатријата и палијативата не се доволно застапени во програмите на Средното медицинско училиште, како и на медицинските факултети.
„Потребна е промена во наставните програми и овие две гранки да го добијат неопходниот простор. Медицинскиот факултет во Скопје во 2023 година за првпат започна со супспецијализација, на која се две докторки од нашата установа, кои ќе завршат во март следната година и планираме да пратиме две други“, рече д-р Нелоска.



