Над 4.000 вработени во „Алкалоид“, заедно со членови на нивните семејства и пријатели на компанијата, собраа околу 1,8 милиони денари кои ќе бидат донирани на Црвениот крст на Град Скопје. Средствата се наменети за поддршка на социјалните сервиси за стари лица, а беа собрани во рамките на единаесеттата хумана мисија што се спроведува под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Донацијата е резултат на хуманитарна акција во која учесниците, преку купување на специјално дизајнирани маички, ги обезбедија средствата. Оваа година, мотивот на маичките беше балон со топол воздух, кој ја симболизира пораката дека „хуманоста е силата што ги подигнува луѓето“.
Генералниот директор на „Алкалоид“ и претседател на Фондацијата, Живко Мукаетов, на хуманитарниот пикник рече дека постарите лица, чија мудрост и животно искуство заслужуваат почит, внимание и поддршка, се вреден дел од општеството.
„Со нашата помош на активностите и иницијативите на Црвен крст на Град Скопје насочени кон социјалните сервиси за лицата во третата доба, веруваме дека заедно можеме да создадеме услови староста да биде период исполнет со достоинство, сигурност и човечка топлина. Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, а токму затоа преку оваа поддршка сакаме да им помогнеме на постарите лица да се издигнат над предизвиците и да имаат поисполнет и поквалитетен живот“, изјави Мукаетов.

Секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева-Пауновска и генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов се обратија на хуманитарниот пикник.
Секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска, нагласи дека една од мисиите на организацијата е да им помогне на лицата во третата доба да имаат достоинствена и безбедна старост, справувајќи се со предизвиците како осаменост, намалена мобилност или финансиски тешкотии.
„Оваа наша мисија не би можела да се реализира без силни и посветени партнери. Со ’Алкалоид’ знаеме дека не сме сами – нивната поддршка ни овозможува да продолжиме со поголема храброст и енергија и да реализираме повеќе активности, акции и иницијативи“, рече таа.
Од компанијата велат дека имаат воспоставено долгогодишно хуманитарно партнерство со Црвен крст, поддржувајќи ја организацијата во социјално-хуманитарната дејност, справувањето со кризи и катастрофи, како и во крводарителството. Првиот хуманитарен пикник под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е одржан на 3 септември 2011 година.