ВРХОВНАТА СУДИЈКА РАДЕВСКА-СТЕФКОВА И АПЕЛАЦИОНИОТ СУДИЈА ГЕРАСИМОВСКИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ

    ВРХОВНАТА СУДИЈКА РАДЕВСКА-СТЕФКОВА И АПЕЛАЦИОНИОТ СУДИЈА ГЕРАСИМОВСКИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ ВО СУДСКИОТ СОВЕТПричините за оставки засега се непознати, бидејќи Радевска-Стефкова и Герасимовски не одговараат на телефонските повици. (Фото: СДК.МК)

    Врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од Советот.

    Двајцата беа избрани за членови на Советот на непосредни избори, од редот на судиите.

    Причините за оставки засега се непознати, бидејќи Радевска-Стефкова и Герасимовски не одговараат на телефонските повици. САКАМДАКАЖАМ.МК го праша претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев дали денеска во архивата се депонирани нивните оставки, но тој ни кажа дека првпат слуша од нас и оти ќе ја провери информацијата.

    Судијата Герасимовски, заедно со судиите Ивица Николовски и Мери Радевска, како и членката Весна Дамева, која не е од редот на судиите, гласаа против сите одлуки што следуваа по незаконското разрешување на Дамева од претседателската функција минатиот месец.

    Чудно е што засега поднесува оставка член кој нема учество во овие одлуки на Советот, а тие кои беа главни актери во одлуките заради кои најстрог укор дојде и од меѓународниот фактор остануваат во ова тело, кое холандскиот амбасадор Јан Коп го нарече нелегитимно.

    Коалицијата „Сите за правично судење” ја поздрави одлуката на двајцата членови да си поднесат оставка на функциите.

    „Ги охрабруваме и останатите членови да поднесат оставки, со цел да се изберат нови, со што највисокото судско тело би добило легитимитет”, напиша во повикот невладината „Сите за правично судење”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира