Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека вработените во Амбасадата на Србија во Скопје се повлечени на консултации откако од разузнавачките служби добил доволно докази за, како што кажа, офанзивно делување против органите и институциите на Србија.
„Безбедносните служби нè известија за силни разузнавачки активности во Македонија. Затоа Србија го повлече персоналот“, изјави Вучиќ за српските медиуми.
Вучиќ додаде дека „се замешани и други сили“, без да прецизира кои се тие други сили и најави дека работите ќе станат појасни во наредните 10 дена.
„Ќе има некои промени во нашиот персонал и да го заштитиме нашето пријателство со Македонците, а и како да се однесуваме во новото опкружување. Има многу шпекулации и мислам дека о наредните 10 дена сè ќе биде многу појасно“, рече Вучиќ.