За 47 години во Македонија се направени 502 трансплантации на бубрези, кажа денеска директорот на Клиниката за урологија д-р Сашо Дохчев, додавајќи дека успехот е висок и по ефикасноста и по преживувањето. Д-р Дохчев кажа дека во историјата на македонското здравство, првата трансплантација на бубрези е направена во Македонија во рамки на Југославија во 1977, 20-тина години после првата трансплантација во светот, во 1954 во САД. Според него, 2012, 2013 и 2014 година се најуспешни години за трансплантацијата на бубрези, со направени 110 за три години.
„2021 година е посебно значајна со направени 28 трансплантации, и за првпат во историјата, поголем број на кадаверични (од починат дарител) наспроти 12 на жива трансплантација. Го возобнововиме и оперирањето на пациенти од странство, имавме до пред 15 години најчесто пациенити од Косово. Лани направивме трансплантација на пациент од Косово и имаме најава за следна трансплантација за неколку дена. Трансплантацијата е успешна приказна во Македонија и се надеваме така и да остане“, кажа директорот д-р Дохчев.
Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека лани во декември била извршена јубилејната 500. трансплантација на бубрег кај 25-годишна пациентка која била во тешка состојба.
„Особено ми е драго што по оперативниот зафат и постоперативниот тек, денеска таа е во добра здравствена состојба и полека се враќа на секојдневните животни активности. Упатувам огромни честитки до директорите на клиниката, до националниот координатор за трансплантација и целиот стручен тим за одличните резултати што ги постигнуваат сите овие изминати години. Органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината. Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници“, изјави министерот Меџити.
Б. НЕСТОРОСКА