ЗА ДВЕ ГОДИНИ, ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ПОТРОШИЛЕ 3,6 МИЛИОНИ ЗА НОВИ АВТОМОБИЛИ, НАЈМНОГУ КУПУВАЛЕ „ШКОДА“

    ЗА ДВЕ ГОДИНИ, ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ПОТРОШИЛЕ 3,6 МИЛИОНИ ЗА НОВИ АВТОМОБИЛИ, НАЈМНОГУ КУПУВАЛЕ „ШКОДА“Најмногу патнички возила (45) набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „пасати“ ги замени со 45 нови „Шкода суперб“. (Фото: Шкода)

    Во последните две години (март 2020- март 2022), државните институции набавиле 142 нови патнички возила во вредност од 3,6 милиони евра, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), невладина организација која ги следи јавните набавки.

    Во овие 142 автомобили, најзастапена е „Шкода“, која со 60 возила води на листата како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презема „Фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“.

    Од поединечните модели најзастапен е „Шкода суперб“ од кој се набавени 48 возила, од „Фиат“ води моделот „типо“ од кој се набавени 15 возила, а од Ситроен моделот „Ц3“ од кои се купени 12 возила.

    Најмногу патнички возила (45) набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „пасати“ ги замени со 45 нови „Шкода суперб“. На второ место е Државниот пазарен инспекторат со набавени 21 автомобил.

    Повеќе од 40 отсто од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најскапи три купени возила се „Шкода суперб“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра, и двете на Државната видеолотарија, а на трето место е „Хјундаи соната“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра.

    Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со речиси 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра. Кумановската „Делукс-ауто“ падна од второ на четврто место со 168 илјади евра.

    Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда.

    „Фактот што од една страна има голем број дистрибутери на нови возила во земјава, а друга страна на тендерите се јавувал само по еден понудувач, го отвора сомнежот дека институциите доминантно си купувале такво возило какво што сакале“, велат од ЦГК.

    Истражување на ЦГК за претходните две години (2018-2020) покажа дека беа набавени 392 возила за 8,1 милион евра.
    Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира