Измените на Кривичниот законик усвоени вчера со европско знаменце по само два дена расправа во Собранието се работеа три години и најголем дел од новите одредби се однесуваат на заштита на животната средина, правата на животните и безбедноста во сообраќајот. Но, покрај овие измени, власта протна и измени во делот на борбата против корупција, намалувајќи и укинувајќи казни за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и Злосторничко здружување.
Како што кажаа и од Владата, која е предлагач на измените, сменети се 38 членови од кои 35 се усогласени со европските директиви. Во коресподентната табела, доставена до Собранието од Владата како прилог на предложените законски измени, наведени се шест европски директиви и една регулатива со кои се усогласуваат изменетите членови, но ниту една од нив не се однесува на измените на членовите од КЗ во врска со кривичните дела Злоупотреба на службената положба и Злосторничко здружување.
Во табелата воопшто не се споменати членовите 353 и 394 кои се однесуваат овие две кривични дела. Од член 278-а, табелата скока на член 396.
Во став 3 од членот 353 за Злоупотреба на службената положба и овластувања, досега казната беше најмалку три години затвор, а отсега се предвидува казна од една до 4 години затвор. Ставот 5 од истиот член предвидуваше казна од најмалку 5 години затвор, а сега е избришан. Во членот 394 за Злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.
Со намалување на казните се отвора простор за брзо застарување на овие кривични дела, како и ослободување од одговорност на многу поранешни функционери за кои веќе се води постапка во различни фази.
Во првичната нацрт-верзија на предложените измени на КЗ, објавена на ЕНЕР во април минатата година, овие измени ги немаше.
Наспроти овие ублажувања на казнената политика, во КЗ се зголемуваат казните за многу кривични дела, а се воведуваат и нови кривични дела.
Така, членот 228-а се менува и гласи:
„(1) Тој што неовластено лови, превезува, пренесува, прикрива, чува, одгледува, купува, продава, или на кој било начин прибавува, отуѓува или препарира диви животни и птици од поголема вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако вредноста на дивите животни и птици од ставот (1) на овој член е значителна, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
(3) Ако вредноста на дивите животни и птици од ставот (1) на овој член е од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години“.
Се воведува и ново кривично дело – Екоцид, за кое потенцијалната казна е доживотен затвор.
„Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор“.
Во КЗ има уште едно ново кривично дело – Безобѕирно управување со моторно возило.
„Учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи во состојба на неспособност на возење предизвикана со употреба на алкохол во концентрација од најмалку 1,50 г/кг во крвта, дроги, психотропни супстанции или прекурзори, возејќи во забранет правец, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, ќе се казни со парична казна или затвор до три години”.
Досега овие дела беа прекршоци и се поминуваше само со парични казни пред судија за прекршоци. Сега преоѓаат во кривични дела.
М. ИЛИОСКИ