Заедничката вежба на Американската армија во Европа и Армијата на Република Македонија во Криволак е дел од многу поголемата мултинационална вежба наречена „Сејбр Гардијан“, која што се одржува секоја година и претставува демонстрација на посветеноста на САД на нивните партнери и сојузници, велат од Амбасадата на САД за САКАМДАКАЖАМ.МК. На годинашната вежба „Сејбр Гардијан 17“ ќе учествуваат над 25 илјади војници од 30 сојузници и партнерски нации, вклучувајќи 70 претставници на АРМ.
„Заедничката вежба на Американската армија во Европа и Армијата на Република Македонија во Криволак е дел од многу поголемата годишна мултинационална вежба наречена „Сејбр Гардијан“, предводена од Американската армија во Европа. Во „Сејбр Гардијан 17“ ќе учествуваат над 25 илјади војници од 30 сојузници и партнерски нации, вклучувајќи 70 претставници на АРМ. Ова е вежба што се одржува секоја година и традиционално ротираат Бугарија, Романија и Украина. Ова е долготрајна демонстрација на посветеноста на САД на нашите партнери и сојузници“, велат од Американската амбасада во Скопје.
Заедничката вежба на Американската армија во Европа и Армијата на Република Македонија во Криволак е наречена „Драгун Рајд 17“ и ќе се одржи од 26 јули до 8 август, а ќе учествуваат 90-тина припадници на АРМ од инженерискиот баталјон од составот на прва механизирана пешадиска бригада и околу 300 припадници на вториот коњички полк на Американската армија во Европа, потврди АРМ.
Од Амбасадата на САД велат дека Криволак е избран како најпогодната област во Македонија за вежба од ваков тип и големина, а учеството на Американската армија на вежбата потпаѓа под параметрите на Декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу САД и Македонија.
„Нашите две армии имаат долга историја на заеднички вежби и соработка. Вежбите како оваа во Криволак им овозможуваат на нашите две армии да се подготват и да ја подобрат подготвеноста, да ги демонстрираат можностите и да ја подобрат севкупната координација за справување со безбедносните закани и да придонесат во меѓународните коалиции“, додаваат од Амбасадата на САД за целите на вежбата во Криволак.