„Поимот за луксуз треба да го асоцираме со персоналната услуга. Верувам во тоа што го прави раката, во рачната изработка. И затоа, сметам кај нас треба да се ценат занаетчиите оти тие се најблиску до високата мода“, вели дизајнерката Лидија Георгиева, професорка на Институт за текстилно инженерство на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Подкастот со Лидија Георгиева може да го гледате тука:
Георгиева, која најголемот дел од кариерата како дизајнерка го минала во модната индустрија во Париз, со ангажмани во големите модни куќи „Балман“ и „Рошас“ за потоа да лансира и свој моден бренд чиј печат се луксузните рачно исплетени дизајни кои ги носи и поп ѕвездата Мадона, во подкастот меѓу другото зборува и за тоа дали во Македонија за вештините на рачната изработка има општествена надградба на културно наследство.
„Секогаш кога има желба и стратегија, успехот е неминовен. А кај нас, сè се сведува на акција на поединецот. Затоа и имаме кревка сцена, и слаба општествена надградба на културното наследство. Министрите се менуваат, но најважно е како тие што се вработени во мининстерството ги пренесуваат информациите или проектите, како и тоа дали секој министер почнува одново или со почит ги завршува проектите на претходникот параелно со новите во неговиот мандат. Базата за трансфер на знаење се луѓето во министерството, а не министрите“, вели Георгиева.
Зборува и за значењето и законската заштита на високата мода во француската модна индустрија, како и за тоа зошто модната индустрија остана релативно заштитена од разоткривања на злоупотреби актуелизирани со движењето #MeToo.
За холивудските стереотипи и клишеа за француски шик и мода, најактуелни во последно време со хит серијата „Емили во Париз“, Георгиева вели, „не можеш, а не ни треба да ги сопреш, ниту сум поборник на коректива во модата“.
М. КОСТОВА