ЗАТВОРЕНИ 15 ОБЈЕКТИ ВО БЛИЗИНА НА ШКОЛИ ОТИ ПРОДАВАЛЕ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА НА УЧЕНИЦИТЕ

    ЗАТВОРЕНИ 15 ОБЈЕКТИ ВО БЛИЗИНА НА ШКОЛИ ОТИ ПРОДАВАЛЕ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА НА УЧЕНИЦИТЕОд Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека овој циклус на контроли беше насочен кон објектите кои се наоѓаат во близина на основни и средни училишта - локации од кои учениците најчесто набавуваат ужина. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Деветнаесет оператори со храна пуштале во промет небезбедна храна во објекти во близина на основните и средните училишта, кај 30 биле забележани лоши хигиенски услови, а 26 работеле без да бидат регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), соопшти институцијата. Од извршени 445 контроли во изминатите 10 дена, биле изречени 15 забрани за вршење дејност, а запленети и уништени се 696 килограми небезбедни производи и храна со непознато потекло.

    „Овој циклус на контроли беше насочен кон објектите кои се наоѓаат во близина на основни и средни училишта – локации од кои учениците најчесто набавуваат ужина. Инспекторите утврдиле низа неправилности. Проблеми се констатирани и во организацијата и стандардите на работење. Шеснаесет оператори воопшто немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, додека кај триесет и двајца не бил спроведен задолжителниот здравствено-санитарен преглед на вработените. Во три објекти немало извршено редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а седум не ги исполнувале основните технички услови за работа. Во исто толку случаи е затекната и несоодветно означена храна“, соопшти АХВ.

    Изречени се 77 парични казни со вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се и 103 решенија со задолжение операторите да ги отстранат недостатоците, како и 23 опомени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира