Нагласувајќи уште на почетокот дека ќе бара доживотни затворски казни за извршителите на петкратното убиство кај Смиљковското езеро на 12 април 2012 година, обвинителката Фатиме Фетаи ги почна петчасовните завршни зборови за овој случај.
„Ова е чистење на патот до она што води до доказите и негирање на сите теории и претпоставки дека настанот е случен на друг начин, а не како што беше во пресудата”, си кажа таа на почетокот и како што ги утврдуваше и ги поврзуваше фактите и доказите кои водеа кон тоа дека убиството го извршиле избеганите Алил Демири, Агим Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, така ги тргаше и патетичните изрази и накалемени детали за дел од обвинетите. Се очекува пред крајот да го прецизира таа обвинението и конкретно да каже за кого колкава казна бара.
Таа ги поби првин сите теории дека не биле овие сторителите, доказите биле подметнати, убиството било на друго место…
„На пример една од верзиите беше дека ‘опелот’ припаѓа на полициските сили алфи и тоа е подметнато како доказ. Тоа го тврдеше Диме Весков, осуденик за повеќе кривични дела, бидејќи било со иста, вишна боја со која тој бил возен додека бил апсен во друга прилика. СЈО се обрати до СВР Скопје, оттаму за Весков одговорија дека кога бил апсен, бил превезен со ‘пасат’, а не со ‘опел’. Со тоа, ова тврдење за подметнат доказ, отпаѓа!”, рече Фетаи и кажа како опелот бил купуван, продаван во Косово, па вратен тука, оставен на складиште кај Арачиново за продажба на делови. Табличките му биле ставени од друго возило, од „мерцедес”.
Со овие два факта обидот да се докаже теоријата дека возилото го подметнала полицијата, се неутрализира, децидна е Фетаи.
Па праша: „Добро, дали одбраната е сериозна со ова тврдење? Зошто би подметнувала полицијата свои ресурси??”
За теоријата дека жртвите се лишени од живот на друго место, па се донесени на брегот на Смиљковското езеро, Фетаи кажа:
„Но, науката како место на настан, вели тоа е секое место кај што е сторено кривичното дело, кај што е планирано, работено таму и кај што се најдени траги. А тоа, според најдените докази, неспорно е брегот на Смиљковското”.
Траги од крв, чаури и проектили на пример, се најдени таму.
„Слевањето на крвта, капките крв, правецот на движење на крвта…тоа се неми сведоци, но кажуваат на околноста дали телото е поместувано, преместувано. Тешко е да се фингираат овие траги. Биолошките, балистичките траги, трагите од стапалата, тоа е невозможно. Но фингирање на 20 чаури и проектили, кои беа дел во телата, дел во почвата, со докажан правец на куршумите, е само фантазија”, им кажа на судот и на обвинетите таа.
Траги биле најдени на местото.
„Најдени се две чаури до Борче Стефковски и 2 проектила во почвата. На другата локација, најдени се 4 тела и 19 чаури кај Филип Славковски и Цветанчо Ацевски. Најдени се и проектили: до Александар Наќевски и Кире Тричковски. Значи пукано било од два калашникова и еден пиштол. Чаурите се испукани од едно оружје, а иста таква чаура е најдена во фармата на обвинетиот Фејзи Азири во Белимбегово од настан за кој сега тој издржува затворска казна”, рече Фетаи и кажа уште дека 11 чаури се испукани со 7,62 мм, останатите со оружје со калибар 9 мм.
Се лиферуваше и информација дека четирите момчиња биле другари со синот и ќерката на Трајко Вељаноски и дека тоа било причината да бидат убиени.
А по проверките, излезе дека тие не се ни познавале рече Фетаи.
За Сами Љута, кој наводно, според тогашниот загрозен сведок излегол да го провери теренот пред убиството, единствен доказ е тоа, но со кратка коса бил, а не со долга и не со црвенило на образот, како што тврдел загрозениот сведок. Тоа е единствениот „доказ“ против него.
Фетаи во продолжение рече дека сепак, тврдењето во обвинението дека се договараат убиства на Македонци на неколку локации, останува на база на претпоставка, бидејќи такви докази не постојат. За тврдењето дека утврдувале националност на лицата, кажа дека не е возможно од далечина. Тврдењето за убиства на свиреп и подмолен начин, се вишок зборови, бидејќи нема докази дека биле изведени на свиреп и подмолен начин.
„Вештакот кажал дека сè се одвивало многу брзо. Убиство е убиство и тоа заслужува доживотна затворска казна. Нема потреба од оптоварување на обвинението со вишок зборови кои подгреваат сомнеж во него”, смета таа.
Нема сведок на самиот чин на убиствата, нема најдено оружје, не се знае кој со какво оружје пукал.., е одбрана на обвинетите.
„Не е важно во ова заедничко соизвршителство кој пукал. И да не пукал некој од тројцата, Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, ете и да чувал едниот стража, тие имаат една заедничка цел. Дека тројцата го извршиле петкратното убиство, а за тоа сведочи Хаки Азири.“, вели Фетаи.
Според него, на 11.04.2012 се слушнал со Алил Демири. Утредента отишле кај Африм Исмаиловиќ, му кажале дека нешто ќе направи заради нерасчистени односи. Хаки ги возел од местото. Африм и Агим биле со црни фантомки. Рекле убивме човек.
За организирање на бегството на Алил Демири и на Африм Исмаиловиќ, се погрижил обвинетиот Фејзи Азири.
„Хаки Азири е осуден на доживотен затвор за помагање со умисла при бегството на двајцата. Но, доказите се следни: Знаел дека ќе се направи нешто, ги зел, ги пренел до друга локација. Но нема свест кај него кога ги вози обвинетите дека тие ќе вршат кривично дело. Отпосле дознава. И не ги брише трагите, што исто така е потребно за квалификацијата умислено помагање во тероризам. Она што Хаки Азири го кажува, во целост се поклопува со доказите, со делот на извршувањето на кривичното дело”, проценува Фетаи.
„Не е точно дека полицијата го натерала Хаки да ја дава изјавата и му кажала што да каже. Па не би зборувал ваљда на своја штета ако е така. Би се спасил од соучесништво при бегството на Демири и Исмаиловиќ”, воочуваше таа.
По паузата продолжува завршниот збор на обвинителката Фетаи. Зад обвинението стои и обвинителот Гаврил Бубевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА