Триесетина планинари викендов се искачија на врвот Љута од планината Кадиица, регионот на Азот. Членовите на планинарските друштва Чеплес, Металург и Пелистер од Велес, Битола и Скопје во организација на Спортското планинарско друштво ,„Зелен рај“, од Велес со искачување на врвот на надморска височина од 1.670 метри надморска височина испратија подрака за поддршка за болните од ретката болест „Пулмонална -белодробна, хипертензија“.
„Го искачивме врвот и ја пративме пораката до сите, го земавме здивот и им го даваме на тие што го немаат. Да бидат живи и здрави и имаат право и заслужуваат да живеат повеќе“, изјави Зоран Игновски претседател на „Зелен рај“.
Мотото на маршот беше „Качи се на врв, земи здив – за живот“, со цел да се подигне свеста кај населението за поддршка на луѓето кои боледуваат од ретката болест.
Во Македонија има десетина пациенти кои боледуваат од пулмонална хипертензија. Тие немаат соодветен медицински третман. Овие лица секојдневно се соочуваат со недостиг од лекови кои ги нема на позитивната листа, па мораат да ги набавуваат од странство и се скапи. За болните многу би значело да имаат центар за рехабилитација, на планинско место, каде има чист воздух, кој нив им е неопходен.
П. ПЕЧКОВ