Шалтерските работници на Македонски железници денес ги враќаат парите на патниците кои купиле билети, но поради прекинот на железничкиот сообраќај, тие не можат да ги искористат. Денес од Скопје нема да тргнат 14 возови, а единствено, изутрината во 4,45 часот бил пропуштен меѓународниот воз кој од Белград, преку Скопје заминал за Солун.
Протестот, што почна вчера со редуцирање на сообраќајот, е поради неисплатени плати. Вработените во Македонски железници сѐ уште не го добиле вториот дел од платата за април, а ја очекуваат и платата за мај.
Пероните во Скопје денес се празни.
„Протестот на машинскиот персонал ќе продолжи до исполнување на барањата за кои денесне беше постигнат договор со менаџерскиот тим“, вели Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал.
„До кога ќе биде во прекин железничкиот сообраќај никој не знае и не зависи од нас. И ние сакаме што побрзо да се реши, Денес ни беше понудено нешто минимално, но ние тоа не го прифативме“, вели преставникот на машинците.
Освен патничките возови, во прекин е и товарниот сообраќај.