Дали навистина е среќен 8 Mарт, е прашањето кое Платформата за родова еднаквост и годинава го постави на маршот за правата на жените, што го организираше по повод Меѓународниот ден на жената. Целта на маршот е да се подигне свеста на јавноста, но и на носителите на одлуки, за нееднаквата положба во која се наоѓаат жените во нашето општество.
„Во 2018 година во Македонија имаме највисока смртност на доенчиња во Европа. Причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги кои им следуваат, но секоја година се повеќе и повеќе се скратуваат, во тоа што повеќе од 175.000 жени немаат гинеколог во својата општина, и во тоа што на повеќе од 80 отсто од жените Ромки им наплаќаат ехо прегледи кои треба да им бидат бесплатни. Товарот на неплатените домашни обврски сè уште во голема мера паѓа на грбот на жените, и додека во другите европски земји овие разлики во учеството во домашната работа се намалуваат, кај нас огромните разлики остануваат константни“, кажа Снешка Илиќ од Реактор.
Активистките од платформата кажаа дека годинава ја поддржуваат македонската кампања #сегакажувам, која е поттикната од глобалната кампања #metoo за заштита на жените од сексуално вознемирување и насилство.
„Кај нас наративот ‘сама си го барала’ е сѐ уште доминатен кога станува збор за сексауално вознемирување и насилство. Македонската кампања #сегакажувам, почна во јануари годинава поттикнати од глобалното движење. Целата е да се даде јавност за насилството што се врши врз девојчињата и жените, како и да предизвика промена на типичното машко однесување. Сведоштвата на #сегакажувам беа осудувани зошто сега кажуваат жените, зошто нема имиња и презимиња на насилниците“, кажаа од платформата за родова еднаквост.
Маршот се одржува по вторпат, а почна од паркот на Жената Борец и заврши кај фонтаната на плоштадот Филип Втори. На маршот му се приклучија и премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица, министерот за здравство Венко Филипче, министерките за одбрна и за труд и социјална политика Радмила Шеќеринска и Мила Царовска, како и холандскиот амбасадор Воутер Пломп.
Пред почетокот на маршот на учесниците во маршот им беа поделени рози и багети, што е и една од пораките на маршот дека на жените за празникот не им се потребни рози, туку леб, односно можност да работат за да обзбедат леб и за себе и за семејството.