ЗНМ ГO ОСУДИ ПРИТИСОКОТ ВРЗ ДОПИСНИЧКАТА ОД БИТОЛА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ЖАНЕТА ЗДРАВКОВСКА ОД ЛОКАЛНИ ФУНКЦИОНЕРИ И ДИРЕКТОРИ НА ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

    ЗНМ ГO ОСУДИ ПРИТИСОКОТ ВРЗ ДОПИСНИЧКАТА ОД БИТОЛА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ЖАНЕТА ЗДРАВКОВСКА ОД ЛОКАЛНИ ФУНКЦИОНЕРИ И ДИРЕКТОРИ НА ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈАЈавните функционери преку објави на социјалните мрежи се обидуваат да го релативизираат професионалниот новинарски текст, насловен „Битолски ‘Комуналец’ со загуба од милион евра, склучи договор за набавка на кучешка храна од 57.000 евра за една година“ означувајќи го како 'лажна вест' и вадејќи го од контекст, со што свесно се напаѓа интегритетот на новинарката и се поткопува кредибилитетот на медиумот, вели ЗНМ. (Фото: Принтскрин од текстот)

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осуди обидите за притисок и дискредитација на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Битола Жанета Здравковска, кои доаѓаат од локални функционери поврзани со јавни претпријатија во Пелагонискиот Регион, а во врска со текстот „Битолски ‘Комуналец’ со загуба од милион евра, склучи договор за набавка на кучешка храна од 57.000 евра за една година“ објавен на 10 април, како извештај од расправа во Советот на Општина Битола.

    Локални функционери од Пелагонискиот Регион на социјалните мрежи споделуваат креиран фалаер во кого текстот прикажан како лажна вест. Флаерот носи наслов „Како излегда кога со лажни вести се обидуваш да освоиш политички поени“, а над него пишува дека „лагата има многу лица, а вистината само едно“. Како лажни вести се прикажани објави на генераторот на вести Тајм.мк од повеќе редакции, меѓу кои и текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК за набавката на битолски „Комуналец“ на кучешка храна. Врз наслови од неколку редакции поставен е црвен печат со икс што укажува дека наводно шират лажни вести, а до нив со зелен  печат штиклирана фејсбук објава на директорот на Комуналец Горан Степановки прикажан како чиста вистина. Вака креираниот флаер денес го споделуваа некои директори и советници од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

    „Јавните функционери преку објави на социјалните мрежи се обидуваат да го релативизираат професионалниот новинарски текст, насловен „Битолски ‘Комуналец’ со загуба од милион евра, склучи договор за набавка на кучешка храна од 57.000 евра за една година“ означувајќи го како ‘лажна вест’ и вадејќи го од контекст, со што свесно се напаѓа интегритетот на новинарката и се поткопува кредибилитетот на медиумот. ЗНМ потсетува дека не е работа на јавни функционери да проценуваат дали некој медиум е релевантен и дали одредена новинарска содржина е вистинита. Такви квалификации претставуваат директен притисок врз слободата на медиумите и независното новинарство“, вели ЗНМ.

    Од таму укажуваат дека ако имаат забелешки за одредени медиумски содржини, политичарите можат да поднесат претставка до релевантните саморегулаторни тела, како што се Советот на чест при ЗНМ или Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

    „Апелираме до сите јавни функционери и јавните службеници, особено оние на локално ниво, да се воздржат од притисоците и обидите за дисквалификации врз новинарите и наместо тоа да придонесат за креирање амбиент во кој слободното и одговорно новинарство ќе може непречено да функционира во интерес на јавноста“, велат од ЗНМ.

    И женската медиумска мрежа „Еднаква“ при Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува обидите за дискредитација на работата на нашата дописнилка Здравковска и Редакцијата.

    „Женската медиумска мрежа ‘Еднаква’ апелира и ги предупредува локалните функционери дека не е нивна работа да изнесуваат квалификации дали одредена новинарска содржина е вистинита, и дека тоа претставува директен притисок врз слободата на медиумите“, се вели во реакцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира