Патот од Водно до Сончев Град стои затворен 13 години откако почна да се гради и иако делницата беше пробиена и асфалтирана не е пуштен во употреба. Во меѓувреме, на патот се појавија одредени оштетувања. После подолго време, сега се одвиваат градежни работи и, како што велат од ЈП Државни патишта, се санираат појавените оштетувања.
„Одроните што се појавуваат тековно се отстрануваат и патот редовно се чисти. Предвидено е на дел од косините на карпите да се постави дополнителна обложна мрежа за спречување на одрони на патот. Во моментов, во завршна фаза е подготовката на новиот Проект за сообраќајна сигнализација и опрема заради усогласување со европските стандарди, како и поставување на еластична одбојна ограда. Овие активности се преземаат со цел зголемување на безбедноста на патот, како и подобрување на квалитетот на изградба со што ќе се зголеми и безбедноста на учесниците во сообраќајот“, велат од ЈП Државни патишта.
Од таму не прецизираат кога конечно ќе биде пуштен во употреба патот вреден 6,7 милиони евра. Велат дека тоа ќе биде сторено штом завршат градежните активности за санација.
Патот до Сончев Град, за кој се сечеше дел од шумата на Водно, се проби за да се гради елитна населба во овој дел од градот. Но, градежните работи за новата населба никогаш не почнаа.
А. АНТЕВСКА



