20 ЛИЦА ПОД ИСТРАГА ЗА ДАНОЧНИ ИЗМАМИ ОД 4,8 МИЛИОНИ ЕВРА, МЕЃУ ОСОМНИЧЕНИТЕ И РАКОВОДИТЕЛИ ВО УЈП

    20 ЛИЦА ПОД ИСТРАГА ЗА ДАНОЧНИ ИЗМАМИ ОД 4,8 МИЛИОНИ ЕВРА, МЕЃУ ОСОМНИЧЕНИТЕ И РАКОВОДИТЕЛИ ВО УЈПДве лица веќе се наоѓаат во притвор за друг предмет поврзан со злоупотреби во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против 20 лица кои се сомничат дека го оштетиле државниот буџет за вкупно 297.733.844 денари. Во обемна акција спроведена на 16 локации низ државата, истражителите со асистенција на МВР заплениле фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати на правни лица.

    Истрагата открива дека криминалната група била формирана во текот на 2023 година од страна на српски државјанин, сопственик на две фирми, во соработка со двајца службеници од Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП) во Скопје. Во периодот до 2025 година, во шемата биле вклучени и други сопственици и управители на фирми од Скопје и Гевгелија.

    Според соопштението на Обвинителството, групата користела неточни податоци во даночните пријави за да избегне плаќање давачки, при што само првоосомничениот затаил над 11 милиони денари. Со директна помош на вработените во УЈП, осомничените сопственици на фирми поднесувале лажни пријави за неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, со што на буџетот му е нанесена штета од дополнителни 31 милион денари.

    Осомничените се товарат и за перење пари во износ од речиси 92 милиони денари. Овие средства биле трансферирани и подигнувани во кеш со цел да се прикрие нивното нелегално потекло. Според Обвинителството, доказите упатуваат дека вработените во УЈП Скопје, од кои дел биле на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба предизвикале вкупна буџетска штета од најмалку 162 милиони денари.

    Јавниот обвинител оцени дека се исполнети условите за определување мерка притвор за десетмина осомничени. Предлогот за притвор за осум лица е доставен до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, додека две лица веќе се наоѓаат во притвор за друг предмет поврзан со злоупотреби во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.

    За останатите 10 лица се предложени мерки за обезбедување присуство. Меѓу нив е и забраната за вршење работни активности како службени лица во Управата за јавни приходи. Акцијата е реализирана по известување од АНБ и во соработка со Управата за финансиско разузнавање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира