Апелациониот суд Скопје по жалба на јавниот обвинител Дарко Јакимовски, му ја зголеми затворската казна на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, обвинетиот Дурмиш Белули, од четири на десет години. Исто така и на одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари (од шест на десет години).
Првостепени, 4-годишини затворска казни на Белули и на Мифтари претходно им изрече судијката од Основниот кривичен суд Скопје Дијана Груевска. Со неа во совет беше и судијката Александра Ристеска, која и покрај промашувањето (од шест на 10 години) што го направи во совет на чело со Груевска, беше во меѓувреме избрана за апелациона судијка во Скопје.

Обвинението за трагичната сообраќајна несреќа кај Ласкарци во прв степен го застапуваше обвинителот Дарко Јакимовски (Фото:СДК.МК)
Скопска апелација ги одби како неосновани жалбите на дел од обвинетите за случајот „Ласкарци“ кој се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Делумно ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, со тоа што им ги зголеми казните затвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, на одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари од шест на десет години, и од пет на по седум години казна затвор на двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.
Јане Боваровски останува со 5 години, а возачот Маноил Трифуновски со 14 години казна затвор.
„Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи према обвинетите Д.Б.од с.Б.Г, И.Г.од Г., Г.Д. од Г., Ј.Б од Г. во делот на кривичната санкција, за обвинетиот Р.М. од с.Ч, Г по однос на засметувањето на мерката куќен притвор во изречената казна и висината на истата и за обвинетиот М.Т од Г. по однос на засметувањето на мерката куќен притвор во изречената казна и се осудуваат и тоа: обвинетиот Д.Б. на казна затвор во траење од 10-десет години; обвинетиот Р.М. на казна затвор во траење од 10-десет години, обвинетиот И.Ѓ. на казна затвор во таење од 7-седум години; обвинетиот Г.Д. на казна затвор во траење од 7-седум години и обвинетиот М.Т. на казна затвор во траење од 14 години“, соопшти денеска Апелациониот суд Скопје.
Обвинетите Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари не се придржувале кон безбедносните прописи, дозволувајќи технички неисправен автобус да учествува во сообраќајот, што предизвикало опасност за животот на патниците. Вработените во станицата за технички прегле: Ѓорѓиевски, Дуковски и Боваровски дозволиле неисправниот автобус да помине на технички преглед.
Возачот Маноил Трифуновски, свесен за неисправноста на возилото, го управувал автобусот со 55 патници и удрил во металната ограда поради невнимание. Тој се бранеше со молчење, а на судењето во прв степен, интенцијата на одбраната на сите обвинети беше целата вина да му се стави нему и никој друг да биде виновен.
С. К. ДЕЛЕВСКА