БИТОЛА ОСТАНА СО 13 МАТУРАНТИ ВО МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ, ОТТАМУ ВЕЛАТ ДЕКА РАБОТАТ НА ПРОМOЦИЈА, НО ИМААТ И СТРОГ ИЗБОР НА УЧЕНИЦИ

    БИТОЛА ОСТАНА СО 13 МАТУРАНТИ ВО МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ, ОТТАМУ ВЕЛАТ ДЕКА РАБОТАТ НА ПРОМOЦИЈА, НО ИМААТ И СТРОГ ИЗБОР НА УЧЕНИЦИТаблото изложено деновиве предизвика бројни реaкации на битолчани дека колку што има професори на него, толку има и матуранти. (Фото: СДК.МК)

    Во Државното музичко училиште (ДМУ) во Битола, порано познат како град на клавирите, каде што средно музичко образование заврши и Тоше Проески, годинава има само 13 матуранти. Пред пет години во истото училиште беа 30.

    Таблото изложено деновиве предизвика бројни реaкации на битолчани дека колку што има професори на него, толку има и матуранти. Велат дека тоа е доказ за иселувањето од градот.

    Директорката на Државното музичко училиште Марија Шамоска-Буџаковски, позната пијанистка, која средното образование го завршила во ова училиште, а на директорското место е назначена пред шест месеци, вели дека школото изминатите години имало слаба промоција, но и на упис се поминува низ строга аудиција за да се изберат талентирани музичари.

    „Во ова модерно време кога сè се движи напред со огромна брзина, за жал ДМУ стагнираше. И покрај тоа што дел од нашата работа се сцената и големата публика која треба да нè следи, а со тоа да се привлече голем број ученици, менаџментот не воведуваше никакви новини и поради тоа не успеваше да предизвика интерес за запишување доволен број ученици“, вели Шамоска-Буџаковски.

    Откако ја презела раководната функција, во изминатите шест месеци организирани се масовни концерти и промоции во градинки и над 30 основни училишта во Битола, Кичево, Прилеп, Демир Хисар, Ресен и Крушево. На претстојниот упис очекуваат поголем број ученици.

    „Она за што како директорка се борев во изминатиот период, што ќе им даде нови можности на младите и ќе го зголеми интересот за упис во нашето училиште, е воведувањето на нов образовен профил – традициски играч-пејач. Оваа насока, освен во Музичкото училиште во Скопје, ќе може да се изучува и во битолското ДМУ. Овој образовен профил овозможува препознавање на вредноста и значењето на традицијата“, вели Шамоска-Буџаковски.

    Овогодинешните матуранти го започнаа школувањето во Музичкото училиште на крајот на пандемијата на коронавирусот, кога доста тешко беше одржувањето настава.

    „Во нашето училиште секоја година, по пат на строга аудиција, запишуваме само еден клас, во кој секој ученик треба да има талент за музика, па затоа е јасно дека не може секој да се запише во ДМУ“, вели директорката.

    Коментарите дека на таблото има повеќе професори отколку ученици за неа се информации од ракав, од лица кои не се запознати со музичката струка. Појаснува дека голем дел од наставата се одвива индивидуално, односно секој ученик има свој професор. Истите тие професори предаваат и на 450 ученици во основно музичко образование, односно на 540 ученици во целото ДМУ и досега го трасирале патот на многу музичари од градот и регионот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира