БОЛНИ СО РАК НА МОЗОК ПО ДВА МЕСЕЦА ЧЕКААТ РЕЗУЛТАТИ ОД МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА, ОД РАДИОЛОГИЈА ВЕЛАТ ВО СИТЕ ГРАДОВИ МОЖЕ ДА СЕ СНИМА БАРЕМ КОЛЕНО И КОЛК ЗА ДА НЕ СЕ ПРЕТРУПУВА ИНСТИТУТОТ

    БОЛНИ СО РАК НА МОЗОК ПО ДВА МЕСЕЦА ЧЕКААТ РЕЗУЛТАТИ ОД МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА, ОД РАДИОЛОГИЈА ВЕЛАТ ВО СИТЕ ГРАДОВИ МОЖЕ ДА СЕ СНИМА БАРЕМ КОЛЕНО И КОЛК ЗА ДА НЕ СЕ ПРЕТРУПУВА ИНСТИТУТОТИнститутот за радиологија е преплавен со упати за разни снимања од цела Македонија и од градови кои имаат апарати и кадар да снимат кичма, колк, колено (Фото: СДК.МК)

    На Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје и по два месеца на пациентите не им се готови резултатите од магнетна резонанца на мозок, а доцнат извештаите и од снимањата на другите апарати.

    Доаѓам петти пат, сопругот има рак на мозокот, трет стадиум“, моли граѓанка на шалтерот на Радиологија.

    Детево се снимаше на 25 август. На 15 октомври му е терминот за преглед на Неврологија. Со што да оди, кога тој го прати на снимање? Со празни раце?“, прашува мајка.

    Зад шалтерот седнува и станува медицинска сестра која истовремено пребарува во куповите хартии – неземени резултати, скрола со глувчето и бара имиња и во компјутерот, му одговара на секој пациент посебно, со насмевка, и ги теши: „Не сте единствени, таква ни е состојбата. Ќе бидат резултатите кај и да е, даваме сè од себе, тамам работа да не добиете извештај и цеде“.

    Непрекината гужва, доаѓаат луѓе и се враќаат. Доаѓа да земе резултат лице во бел мантил, и него го враќаат со молба да дојде по неколку дена.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Универзитетскиот институт за радиологија, зошто и по 2 месеца од снимките од МР, резултатите на пациентите не им се готови?

    Утрово сопруга на пациент со ракна мозок од трет степен, реагираше што два месеца не му се готови резултатите. Реагираа и други пациенти, велат по 5-6-7 и повеќе пати доаѓаат на шалтер, резултати сè уште нема. Во што е проблемот?“, прашавме во Радиологија.

    Директорката Соња Николова посочи повеќе причини поради кои доцнат резултатите од снимањата на Радиологија, а кои им се најважни и се појдовната точка на лекарите за лекување на речиси сите болести на пациентите.

    Првата причина е што со приоритетен упат, требало-не требало, сите се испраќаат на Радиологија, а оттаму никого не сакаат да го вратат.

    „Приоритет во нашата работа секогаш имаат онколошките и итните случаи, како во делот на закажување на термините, така и при интерпретација и издавање на резултатите. Веруваме дека станува збор за ограничен број административни доцнења, кои главно произлегуваат од недостиг на централен систем за автоматско означување на ургентност, особено кај пациенти со ‘упат без термин’ или ‘приоритетен’ упат, каде степенот на итност не секогаш е јасно дефиниран. И покрај тоа, ниеден пациент не е одбиен, ниту оставен без извршено снимање. Напротив, и во услови на ограничен кадар и зголемен обем на работа, Институтот секојдневно вложува максимални напори сите пациенти да бидат навремено услужени, вели директорката Николова.

    Во изминатиот период биле спроведени и две подолги сервисирања на апаратите за магнетна резонанца, но сите пациенти биле примени и обработени во дополнителни смени, без прекин на ургентниот дијагностички континуитет.

    Според извештајот неодамна доставен до Министерството за здравство, во последните два месеца бројот на магнетни резонанци е зголемен за над 30% во однос на истиот период минатата година.

    Од вкупниот број извршени прегледи, 80% се пациенти со нерегулирани или повторно издадени упати, најчесто без претходна консултација или филтрирана индикација, 15% се со приоритетни упати, 5% се со итни (ургентни) упати, кои секогаш имаат апсолутен приоритет во обработката.

    Најголем проблем е недостигот на кадар.

    „Во Институтот во моментов се ангажирани 24 радиолози и 2 пензионирани консултанти, од кои 5 се специјализанти, 2 се на породилно отсуство, а 12 лекари секојдневно покриваат деташирани оддели и дежурства на Универзитетските клиники и хируршките центри со втори смени и дежурства. Покрај магнетна резонанца, истиот тим изведува КТ и КТ-ангиографија, класична и контрастна рендгенографија, ултразвучна дијагностика, како и интервенциски процедури (васкуларни и неваскуларни). Институтот има и значајна образовна улога, преку едукација на студенти, специјализанти и здравствени професионалци од целата земја“, вели Николова.

    Радиолошките услуги од терциерно ниво, специјалистичката едукација и наставната дејност се концентрирани токму во овој Институт, што создава голем обем на дијагностичка и организациска одговорност. Па од вкупно 19 активни радиолози, речиси сите се вклучени и во наставно-научната дејност.

    Институтот потсетува дека во Македонија постојат и други здравствени установи со соодветна опрема и стручен кадар, обучен токму кај нив.

    Тој стручен кадар е обучен токму во нашиот Институт и сметаме дека натамошната децентрализација на услугите би придонела за побалансирано распределување на пациентите и за подобра ефикасност на целиот систем. Рутински прегледи како МР на колено, кичма или колк често се изведуваат кај нас поради упати од различни делови на државата, иако можат да се реализираат и во други здравствени центри. Тоа значително го зголемува бројот на прегледи и влијае на динамиката во терциерната здравствена установа, чиј фокус е пред сè врз комплексни и ургентни дијагностички случаи“, велат од Институтот.

    На Радиологија споредуваат дека во државите од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска – термини за магнетна резонанца најчесто се добиваат во рок од 6 до 12 месеци. Додаваат дека резултатите за рутински прегледи се издаваат по 2 до 3 месеци.

    „Дури и со ограничени ресурси, Институтот успева да ги обработи итните и онколошките пациенти во рок од неколку дена. Ве уверуваме дека се преземаат сите можни мерки за оптимизација на процесите и дека проблемите се согледуваат и адресираат со сериозен пристап, во соработка со Министерството за здравство и другите надлежни институции“, вели директорката Николова.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира