ДРЖАВАТА ИСПЛАТИЛА НАД 64 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАБОТНИ СПОРОВИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ, ДУРИ 48 ОТСТО ОТИШЛЕ ЗА КАМАТИ И ТРОШОЦИ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

    ДРЖАВАТА ИСПЛАТИЛА НАД 64 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАБОТНИ СПОРОВИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ, ДУРИ 48 ОТСТО ОТИШЛЕ ЗА КАМАТИ И ТРОШОЦИ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈАВо институциите ретко се применуваат алтернативни начини за решавање на конфликтите, а Државното правобранителство главно дејствува реактивно преку застапување пред судовите, без доволно развиена советодавна и превентивна улога. (Фото: СДК.МК)

    Непостоењето на ефикасен и системски пристап во справувањето со работните спорови предизвикало одлив од државниот буџет во износ од над 64 милиони евра за период од пет години, утврди Државниот завод за ревизија во ревизијата на успешност посветена на ефектите од овие судски постапки врз државната каса. Според наодите на ревизорите, во периодот од 2020 до 2025 година по основ на вакви спорови биле исплатени вкупно 3.971.570 илјади денари, односно околу 64,4 милиони евра, од кои речиси половината завршиле за камати, судски и извршни издатоци.

    Структурата на исплатените буџетски средства покажува дека главниот долг изнесува 2.049.648 илјади денари, односно околу 33,2 милиони евра или 51,61 процент од вкупната сума. Останатите 1.921.922 илјади денари, односно речиси 31,1 милион евра, што претставува 48,39 отсто од парите, биле потрошени за покривање камати, трошоци за парнична постапка и извршни трошоци. Дополнително, дури 95,36 отсто од средствата биле наплатени присилно преку налози за извршување, додека доброволната исплата од страна на институциите изнесувала само 4,64 отсто.

    Ревизорскиот извештај регистрира континуиран раст на бројот на судски предмети во работа, кој за четири години е зголемен за повеќе од два и пол пати. Во 2021 година имало 9.361 активен предмет, додека во 2025 година таа бројка се искачила на 24.556 предмети. Овие показатели се добиени од институциите застапувани од Државното правобранителство, при што од контактираните 85 органи податоци доставиле 69, а 12 известиле дека немале исплати по ваков основ.

    Ваквите финансиски последици по буџетот се резултат на сериозни слабости во функционирањето на системот. Законската и подзаконската регулатива содржи недоречености и неусогласености што отвораат простор за различни толкувања и нееднаква примена, а отсуствуваат и анализи за причините поради кои вработените ги тужат институциите за да се иницираат соодветни законски измени. Во институциите ретко се применуваат алтернативни начини за решавање на конфликтите, а Државното правобранителство главно дејствува реактивно преку застапување пред судовите, без доволно развиена советодавна и превентивна улога. Исто така, несоодветниот начин на евидентирање и плаќање не дава структурирани податоци, што го отежнува следењето на обврските и управувањето со финансиските ризици.

    Државниот завод за ревизија преку дадените препораки бара надлежните итно да воспостават функционален систем за управување со работните спорови, да ја прецизираат правната рамка, да го унапредат аналитичкото следење на предметите и да ги зајакнат механизмите со кои ќе се спречат непотребните финансиски одливи од државниот буџет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира