Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди значителни неправилности во финансиското работење на АД Државна лотарија за 2024 година и злоупотреби со паричните средства во кеш, изразени преку нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или со неверодостојни документи и друго.
„Постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки“, заклучуваат ревизорите по најновата ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, за 2024 година.
Затоа ДЗР вели дека се воздржува од изразување на мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Во август 2024 за директор на Државна лотарија беше именуван Александар Климовски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а негов претходник на таа функција беше Перпарим Бајрами, кој од декември 2024 е во бегство откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе неколку истраги против него за финансиски криминал.
Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото изнесува 46.039.000 денари (746.970 евра), но дека дневниот пазар не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото. Изигран е законот, бидејќи согласно законската регулатива, правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по која било основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.
Во текот на 2024 година друштвото само во два наврата извршило уплата на име „дневен пазар‘‘, во април и во декември.
„Притоа, ревизорите утврдија дека овие уплати не се од примените парични средства во готово – ‘дневен пазар‘, туку претставуваат средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на друштвото“, фатиле ревизорите.
Оваа слобода за манипулации и злоупотреби во Државна лотарија била овозможена со тоа што не се водела посебна книга на благајна (благајнички дневник) за секој ден во кој е остварен промет, со впишани трансакции по редослед на настанување, ниту се изготвувала соодветна документација како потврда за извршената трансакција (предавање на готовина). Поради тоа, не е овозможено следење и евидентирање на трансакциите во моментот на настанување и не постои прегледност во остварениот дневен пазар.
Иако во Правилникот за систематизација на работни места предвидени и пополнети се работни места благајник и шеф на сметководство во Сектор за финансии и сметководство, поголем дел од работните активности кои се однесуваат на прием и ракување со готови пари, како и нивно сметководствено евидентирање ги извршувалo едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство.
Во друштвото не функционирала внатрешната ревизија, што резултирало со неоткривање на недозволените и нелегални активности.
Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971.000 денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер. Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување.
Што правеле и кај гледале генералниот директор Александар Климовски, надзорниот и управниот одбор на Државната лотарија, е прашање исто така за Обвинителството.
За евидентираните одливи (36.465.000 денари) и приливи на парични средства (7.897.000 денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдиле дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна.
„За потврдување на оваа состојба од страна на ревизорите обезбедени се изјави од вработените лица во друштвото, со тврдење дека за наведените износи не се примени, ниту вратени аванси во Секторот за финансии и сметководство, што упатува на сомнеж за нерегуларности поврзани со можна злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки“, упатува ДЗР на уште еден сторен криминал.
Преку увид во трговските книги на друштвото, анализа на добиените информации од централниот онлајн систем за извршените уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, пак, како и податоците од онлајн платформата со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа, утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи, во вкупен износ од 122.490.000 денари, односно 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни средства.
Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294.000 денари помал во однос на износот добиен според централниот онлајн систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.
За 3 инстанти со добивки во предмети (станови, автомобили и електрични скутери), ревизорите утврдиле дека:
-нема воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, со можност од неосновано присвојување;
-набавките се вршеле 2–15 месеци пред одобрување на правилата од страна на Министерството за финансии, со што пред време се трошеле парични средства и
-не се евидентирани трошоци за набавка на предмети во износ од 35.395.000 денари за 2024 година и 37.424.000 денари за 2023 година, а за еден случај не се искажани обврски во износ од 23.264.000 денари.
Во текот на 2024 година во Државна лотарија евидентирани се трошоци за реклама, пропаганда, промоција и саеми во износ од 220.823.000 денари, односно 3.582.811 евра. Во периодот од 2020 до 2024 година, овие трошоци бележат континуиран раст, односно во годината предмет на ревизија истите се 10 пати поголеми споредено со 2020 година.
Од увидот во постапките од спроведени јавни повици за закуп на медиумски простор и доделени договори за јавни набавки за маркетинг и нивна реализација, утврдени се неправилности во вкупен износ од 73.406.000 денари (најдени се фактури без детален опис на услугата).
За организираниот настан – Фан Зона Еуро 2024 година биле исплатени 14.109.000 денари, но оправданоста на потрошените парични средства за ревизорите е сомнителна.
Од информациите од националната телевизија кајшто се емитува лото-извлекувањето, пак, утврдено било дека во текот на сезоните 2023/2024 и 2024/2025 година биле емитувани вкупно 70 емисии, додека за 8 емисии за кои се исплатени вкупно 2.723.000 денари, нема доказ дека се продуцирани.
Во текот на 2024 година набавена е опрема (компјутерска и комуникациска опрема, телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видео надзор, систем за следење и контрола на возила со ГПС/ГПРС уреди, лотариски терминали и лотариска опрема, високо прецизни клима уреди и касетна таванска клима, УПС уреди за непрекинато напојување и автоматски дизел електричен агрегат) во вкупен износ од 26.620.000 денари, без соодветна документација за извршен квалитативен и квантитативен прием на опремата.
Башка што дел од примената опрема во износ од 15.387 илјади денари, не одговара на перформансите наведени во техничката спецификација од склучените договори, како ни на опремата евидентирана во сметководството, утврдува ДЗР.
„Наведената состојба е констатирана и со извршениот попис за 2024 година, со кој истовремено е утврден и кусок на истата опрема (телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видео надзор и дел од компјутерска и комуникациска опрема) во износ од 3.722 илјади денари“, предупредува ДЗР во извештајот.
Покрај сите овие злоупотреби, за Обвинителството се отвора посебна тема со сомнителните милионски трошоци за закуп, кои се непоткрепени и во однос на 2020 година се речиси тринаесет пати поголеми! Јавните набавки се незаконски. Според податоците од ЕСЈН, во 2024 година, 54,1% од постапките за јавна набавка на друштвото се со една доставена понуда и 4,9% од постапките со една прифатена понуда од повеќе поднесени, што според ревизорите, укажува на недостаток на конкуренција помеѓу економските оператори во постапките.
Ревизорите во извештајот истакнуваат дека за деловната 2024 година раководното лице на друштвото склучило договори за дело за вршење на привремени работи со вкупно 195 лица, од кои 75 лица не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи, а за истите незаконски и ненаменски исплатени се 14.911 илјади денари, односно 241.928 евра.
Неправилности и незаконитости се утврдени и кај трошоците за службени патувања во странство во вкупен износ од 6.041.000.
Во извештајот се наведени и други утврдени состојби кои се однесуваат на несоодветно и неточно водена сметководствената и материјалната евиденција, нецелосно извршен попис на средствата, обврските и побарувањата, неосигурени имот и средства на друштвото од пожар и други елементарни непогоди, неизвршена ревизија на финансиски извештаи со годишниот извештај за работа на друштвото за 2024 година и други состојби.
Државниот завод за ревизија за сите овие состојби ги известил МВР и Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА




