ДВАЈЦА 40-ГОДИШНИЦИ ОД СКОПЈЕ СЕ ЗАРАЗЕНИ СО МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ, НЕ ПАТУВАЛЕ НАДВОР ОД ЗЕМЈАВА И НЕ СЕ ПОВРЗАНИ, РЕЧЕ АНДОНОВСКА ОД ИЈЗ

    ДВАЈЦА 40-ГОДИШНИЦИ ОД СКОПЈЕ СЕ ЗАРАЗЕНИ СО МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ, НЕ ПАТУВАЛЕ НАДВОР ОД ЗЕМЈАВА И НЕ СЕ ПОВРЗАНИ, РЕЧЕ АНДОНОВСКА ОД ИЈЗEдниот пациент е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопјe. (Фото: СДК.МК)

    Двајца мажи на 44 и 4о години од Скопје се пациентите кои се заразени со мајмунски сипаници, рече денеска директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, додавајќи дека не патувале надвор од државата, и не се поврзани пациенти.

    Институтот доцна синоќа соопшти дека вчера за првпат во Македонија се регистрирани два случаја на мајмунски сипаници. Кај нив биле испратени од Клиниката за кожни болести и било назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.

    На денешната прес-конференција, Андоновска кажа дека се работи за двајца машки пациенти родени на 1981 и 1985 година, и двајцата од Скопје. Таа кажа дека едниот пациент е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, а според нејзините информации, другиот  сѐ уште не е хоспитализиран.

    Андоновска и заменик-министерот за здравство Јовица Андовски апелираа до граѓаните да не се шири паника, дека не е ново заболување и дека веќе има протокол за лекувањето.

    Комисијата за заразни болести попладнево донесе препорака за самоизолација и здравствен надзор за двете заболени лица.

    Дополнително, се следи состојбата на лицата кои биле во близок контакт со заболените и доколку пројават симптоми, тие ќе бидат тестирани за ова заболување во Институтот за јавно здравје.

    „Комисијата апелира граѓаните да ги почитуваат хигиенските мерки за лична заштита од заразни заболувања, а во случај на евентуална појава на симптоми на ова заболување да се јават кај својот матичен лекар.

    Воедно, до матичните лекари ќе се дистрибуира информација за разработената патека за преглед, тестирање и згрижување на евентуалните пациенти“, соопшти Комисијата.

    Преносот на мајмунски сипаници од човек на човек може да се случи преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и секс. Може да се распространува и преку воздушен-капен пат при зборување, кашлање или кивање.

    Мајмунски сипаници се вирусна болест предизвикана од истоимен вирус, а која е регистрирана во повеќе земји од Централна, Западна Африка, Европа, Америка и Канада. Извор на заразата е заболено животно или човек. Симптомите се слични како и за другите сипаници: температура, трески, главоболка, мускулни болки, болка во грбот, отечени лимфни јазли, замор, исип. Периодот на инкубација е од 5 до 21 ден зависно од патот на пренесување и изложување на болеста. Компликациите можат да бидат секундарни инфекции, бронхопневмнија, енцефалитис, инфекција на рожницата на окото со губење на видот и сепса.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира