ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ СО ПРОСТРЕЛНА РАНА НА ГЛАВАТА И 20 ПОВРЕДЕНИ ОД ПИРОТЕХНИКА ПРИМЕНИ ВО СКОПСКИТЕ БОЛНИЦИ НА НОВОГОДИШНАТА НОЌ, ВО ЧАРШИЈА УБИЕН ТУРСКИ ДРЖАВЈАНИН

    ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ СО ПРОСТРЕЛНА РАНА НА ГЛАВАТА И 20 ПОВРЕДЕНИ ОД ПИРОТЕХНИКА ПРИМЕНИ ВО СКОПСКИТЕ БОЛНИЦИ НА НОВОГОДИШНАТА НОЌ, ВО ЧАРШИЈА УБИЕН ТУРСКИ ДРЖАВЈАНИНДежурните служби интервенирале и кај осум случаи на физички напади, каде шест лица поминале со полесни повреди, вклучувајќи и еден пациент со површна убодна рана од нож во пределот на грбот. (Фото: СДК.МК)

    Хируршките клиники во Скопје известија за тешка новогодишна ноќ со значително зголемен број повредени во споредба со претходните години, а лекарите посочуваат дека голем дел од случаите се поврзани со алкохолизирана состојба. Најтешкиот инцидент е приемот на двегодишно дете на одделот за интензивна нега со прострелна рана на главата од огнено оружје, чиј идентитет и околностите на повредувањето сè уште не се официјално потврдени.

    Детето се наоѓа во животна опасност, исто како и триесетгодишен маж кој бил пронајден по пад од висина во реонот на Буњаковец и веднаш бил подложен на итна операција на ’рбетниот столб.

    Случајот го потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

    „Тешко телесно е повредено детенце од две години, кое е во животозагрозувачка состојба. Станува збор за метален фрагмент, но во овој момент не можеме со сигурност да кажеме како точно дошло до повредата“, кажа тој на прес-конференција.

    Тошковски кажа и дека едно лице e убиено, а друго е тешко повредено во инцидент што се случил во скопската чаршија, Жртвата е турски државјанин, а убиството било извршено со остар предмет.

    Употребата на пиротехнички средства испрати вкупно 20 лица на клиниките, меѓу кои две деца на возраст од 12 и 13 години кои се задржани на Детска хирургија за оперативни зафати. На Клиниката за трауматологија е згрижен и 69-годишен пациент со тешки повреди на подлактицата и шаката, додека останатите пациенти со полесни повреди од петарди се пуштени на домашно лекување по интервенциите на Пластична хирургија. Дополнително, за операција е подготвуван и пациент од Скопје со прострелна рана во пределот на лактот, повреда која ја добил за време на инцидент што се случил во Прилеп.

    Во текот на ноќта биле евидентирани и три сообраќајни незгоди во кои биле прегледани околу 20 лица. Иако повеќето пациенти поминале со лесни повреди и биле пуштени дома, седумнаесетгодишна девојка од Тетово е задржана на хируршка интервенција поради тешки телесни повреди.

    Дежурните служби интервенирале и кај осум случаи на физички напади, каде шест лица поминале со полесни повреди, вклучувајќи и еден пациент со површна убодна рана од нож во пределот на грбот. Покрај мажот од Буњаковец, на Неврохирургија поради пад од висина е примен и шеснаесетгодишен пациент од Штип, а истражните органи во моментов ги утврдуваат околностите за сите потешки инциденти што ја одбележаа празничната ноќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира